Фото: Пиксабеј

Техно

Амбициите на „Мајкрософт“ за вештачка интелигенција се враќаат малку наназад, а компанијата потврди дека помошникот за вештачка интелигенција Копилот (порано познат како Бинг чет) ќе биде достапен и за Виндоус 10.
Првично, корисниците на Виндоус инсајдер ќе имаат пристап благодарение на претстојниот преглед на ажурирање, а Копилот АИ ќе се појави на десната страна од лентата за задачи. Откако ќе се избере, ќе се појави познатиот интерфејс Копилот, а корисниците ќе можат да поставуваат различни прашања, да ги контролираат функциите на Виндоус или да го користат за интеракција со документи. Од „Мајкрософт“ велат дека прозорецот Копилот нема да ја преклопува содржината на работната површина или да блокира отворени прозорци.
Овој потег на „Мајкрософт“ не е изненадување, тој беше објавен од Виндоус сентрал претходно овој месец, а тука е и фактот дека, иако Виндоус 11 е најновиот оперативен систем на „Мајкрософт“, тој учествува само со 26 проценти од вкупните инсталации на Виндоус, додека Виндоус 10 држи 69 проценти од пазарот на Виндоус.
Во 2020 година, „Мајкрософт“ објави дека Виндоус е инсталиран на една милијарда уреди, а се чини дека сè уште е над таа бројка. Виндоус 11 се користи на 400 милиони уреди, па дополнително објаснување зошто „Мајкрософт“ го носи Копилот АИ на Виндоус 10 навистина не е потребно. Од друга страна, според последните информации, Виндоус 10 ќе биде без поддршка на 14 октомври 2025 година.