Техно

Кинескиот „Глобал тајмс“ објави дека оваа земја го произведе најголемиот електричен робот со четири нозе во светот. Станува збор за бионички робот, кој навистина изгледа огромно и е дел од напорите што ги прави Кина, до 2025 година да стане глобален лидер во роботиката, но и во воената технологија.
Иако е голем и кабест, роботот може да се движи напред-назад, да се врти и да оди дијагонално. Покрај тоа, роботот може да трча и да скока благодарение на 12 комплети зглобни модули. Тој е опремен со сензори за навигација по околниот терен или во неговата околина и може да се приспособи на различни видови терени, вклучувајќи скали, канали, карпи, калливи патишта, пустини, снег и друго. Важен факт е можноста за вооружување на роботот.
Роботот може да носи до 160 килограми товар и да достигне брзина од 10 километри на час. Се очекува да биде дел од извидување во сложени средини што се премногу предизвикувачки за луѓето, како што се оддалечените погранични региони и борбените зони со висок ризик. Покрај тоа, роботот може да се користи за транспорт на опрема, муниција и храна на различни локации што се тешко или воопшто не достапни за конвенционалните возила.
Кина разви и роботско куче, наречено Геда, кое тежи 32 килограми и има можност да носи околу 40 килограми товар. Програмирано е да разбира едноставни човечки гласовни команди и користи технологија за препознавање лица.