Плановите за наплаќање во моментот се насочуваат само кон брзите полначи, кои треба да се постават во следниот период, велат од ЕВН/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Енергетската криза ја принуди Хрватска да воведе наплата за полнење на електричните возила на јавно достапните полначи, на повеќе локации на автопатиштата, услуга која што до пред три дена беше бесплатна. Цената за киловат киловат-час (кв/ч) во Хрватска се наплаќа од 19 до 40 денари, зависно од номинална моќност на полначот (22 кв/ч, 50 кв/ч и над 50 кв/ч). Во Македонија оваа услуга сѐ уште останува бесплатна за сопствениците на електрични возила, вели портпаролката на ЕВН Ленче Карпузовска.

– Полнењето на сите полначи на ЕВН останува бесплатно по продолжувањето на иницијалниот промотивен период. Првично, овој период беше предвидено да биде ограничен на година дена, но заради пандемијата и последните случувања одлучивме да биде продолжен уште одреден период – изјави Карпузовска.

Таа појасни дека се што треба да направат сопствениците на електрично возило е да се пријават за добивање на електронска картичка за полнење преку интернет-страницата на ЕВН или во инфо-центарот на ЕВН во ГТЦ. Полнењето на електричното возило се активира со приближување на електронската картичка до „РФИД“ читачот на станицата за полнење. Од ЕВН велат дека првично планираат воведување наплата само на брзите полначи.

– Плановите за наплаќање во моментот се насочуваат само кон брзите полначи, кои треба да се постават во следниот период. Но како и да е, интерните анализи велат дека наплатата најверојатно тогаш би се синхронизирала на сите полначи одеднаш – додава Карпузовска.

Во рамки на проектот за развој на електромобилноста, ЕВН во соработка со општините, изгради сериозна инфраструктура на полначи низ целата држава. Во моментов низ Македонија се поставени четириесетина станици за полнење на електрични возила на централни јавни локации, од кои 22 полначи се на јавни површини во Скопје – во фреквентни објекти како хотели, ресторани, шопинг центри и слично.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), во Македонија, заклучно со декември 2020 година биле регистрирани 198 возила на електричен погон, од кои 96 во главниот град. Со оглед на зголемениот тренд на купување на електрични возила, оваа бројка до денес речиси извесно надминува 300 возила на ниво на државата, што е двојно помалку од бројот на регистрирани електрични возила во Хрватска, која до март 2021 имала 730 електрични автомобили.

Водечка земја во Европа според бројот на регистрирани електрични возила е Норвешка со 215.000 автомобили до март минатата година, додека пак на ниво на Европа, бројот на електрични автомобили надминува два милиона.