Практиките и солуциите претставени од гостите од Израел на самитот „Македонија 2025“ би можеле да бидат применети во Македонија, која тие ја споредија со стартап-компанија, земајќи го предвид потенцијалот на државата

Македонија е како своевиден стартап со потенцијал и има многу сличности со Израел, велат Израелците Дорон иш Шалом и Јаир Енгел, кои заедно со својата сонародничка Сара Коен претставија неколку иновативни идеи и проекти што би можеле да се применат во државава, при нивната посета на Скопје, каде што учествуваа на седмото издание на самитот „Македонија 2025“, одржано минатата недела. Шалом и Енгел беа говорници на самитот на кој македонските стопанственици имаа можност да се запознаат со најновите светски трендови во економијата, инвестициите и во технолошките иновации. Шалом е директор за програмски развој во израелската компанија „Џеј-ви-пи“ (ЈВП), Енгел е основач и директор на центарот за одржлив дизајн „Кајама“, а Коен е претприемачка со сопствена медицинска компанија.

– Јас сум претприемачка од Израел, со компанија од полето на медицината што развива солуции базирани на проширена реалност. Станува збор за далечински управуван систем за медицинска нега, што му овозможува на лекарот од една локација да ги користи очилата за проширена реалност и преку нив да советува и води низ процедурата друг лекар од помала клиника. Корисен е за операции, секојдневна нега и за давање прва помош. Врвните професионалци на тој начин ќе можат да им помагаат на колегите во реално време, водејќи ги низ медицинските процедури, кажувајќи им што точно да сторат при лекувањето на пациентите. Очилата, на пример, можат да ги користат и наставниците во училиштата за да им дадат прва помош на децата во одредена ситуација – објаснува Коен.

Македонија би можела да биде една од првите држави во кои ќе биде применета модерната технологија, за која моментно привршува развојната фаза.
– Конкретната солуција е важна за Македонија, бидејќи значителен дел од медицинските професионалци и лекарското знаење се концентрирани во Скопје, додека надлежните институции сакаат ширење на знаењето низ државата. За таа цел размислуваме преку овој систем да ги поврземе руралните и недостапните средини со големите градови. Сега привршуваме со развојната фаза на системот и бараме пилот-решенија во Израел и во Македонија. Токму Македонија би можела да биде една од првите држави каде што системот ќе се применува веќе од идната година – порача Коен.

Шалом, пак, има повеќегодишно искуство во развојот на иновации за стартап-компании.

– Во последните неколку години развивам екосистеми за стартап-компании. Почнав во израелскиот институт за иновации, каде што се обидовме да создадеме механизам за имплементирање иновации во јавниот сектор. Постои голем јаз помеѓу општеството и јавниот систем. Постојат многу иновации, нови солуции и стартап-компании што можат да ги сменат светот и животот на луѓето, но не успеваат да допрат до општеството. А начинот да го сторат тоа е преку јавниот систем, кој ги опфаќа најважните категории – транспортот, образованието и здравството. Тие се контролирани од Владата и од јавниот сектор, кој е обемен и пребавен за да работи со стартап-компании на кои им се потребни пари и ресурси за брз развој. Сакаме да го намалиме јазот преку создавање механизам за соработка со Владата. Механизмот им помага на стартап-компаниите да соработуваат со власта и да ги идентификуваат главните предизвици за наоѓање решенија што можат да се имплементираат во широки размери. Потоа се придружив на „Масчелинџ“ од Бостон. Тоа е глобален стартап-акцелератор што работи со сите видови стартап-бизниси. Таму им помагавме на стартап-компаниите во зачеток да се развијат – вели Шалом, кој се запознал со активностите во Македонија преку израелскиот амбасадор во државава Дан Оријан.

Тој се осврна и на проектите на платформата „Џеј-ви-пи плеј“ што ги соединува пазарот, стартап-компаниите и инвеститорите.

– Компанијата „Џеј-ви-пи“ наоѓа надежни стартап-бизниси во кои партнерите-инвеститори можат да вложуваат, овозможувајќи нивен развој. Ја создадовме платформата „Џеј-ви-пи плеј“, која ги соединува пазарот, стартап-компаниите и инвеститорите. Преку неа мултинационалните корпорации што контролираат значителен дел од пазарот ги идентификуваат потребите на пазарот и ги наоѓаат најдобрите стартап-компании за соработка – наведе Шалом, додавајќи дека овој систем на работа функционира во Израел, а се користи и во САД, Франција, Германија и во Белгија.

Јаир Енгел е дизајнер, консултант за претприемаштво и експерт за циркуларна економија, чии решенија им помагаат на компаниите да го изменат начинот на кој работат.

– Циркуларната економија е мое поле. Соработувам со претприемачи, стартап-компании и корпорации за да го сменам начинот на кој тие работат со производи и со услуги, со решенија на циркуларната економија преку анализа на материјалите, промена на бизнис-плановите, преминување од производ на услуга и со начинот на чување и справување со материјалите. Има примери при кои компаниите увезуваат материјали, ги користат и потоа плаќаат дополнително за да се ослободат од нив, наместо да ги искористат повторно. Тоа е губење пари. Тоа е несфатливо, без разлика за која индустрија се работи – истакна Енгел.

Тој откри дека планира да почне проект за солуции за чист воздух во Македонија, во кој би биле вклучени овдешни и израелски компании, поради актуелниот проблем со загадувањето.

– Имате проблем со загадувањето. Ако најдете решение што придонесува за економијата и за здравјето, тогаш сте пионер. А потоа можете и да го продадете на други места низ светот каде што има проблем со загадувањето. Тогаш имате нешто што доаѓа од вашето поднебје, но може да оствари заработка секаде. Тоа е добар бизнис. Наместо со увоз на материјали, идеи и технологија, можете самите да почнете тука. Сакаме да почнеме проект за солуции за чист воздух, да вклучиме стартап-компании од Македонија и од Израел. Тоа е проблем за чие решавање имаме инженери, дизајнери, луѓе од здравството и од градежништвото, бидејќи тематиката опфаќа повеќе солуции и експертизи – кажа Енгел.


Зависиме од човечкиот капитал

Јаир Енгел и Дорон иш Шалом се сложни во размислувањето дека Македонија и Израел имаат повеќе сличности, односно оти двете држави зависат од човечкиот капитал.
– Има сличности помеѓу Израел и Македонија. Двете држави зависат од човечкиот капитал, бидејќи сме ограничени со ресурси, а се наоѓаме и во средина во која има многу предизвици. Луѓето сами создавале сѐ што имаме. Тоа е заедничка точка меѓу двете држави. Сигурен сум дека постојат области што се уникатни за Македонија, во однос на географската положба или климата, од кои треба да се почне. Младата генерација може да биде отворена кон странство, но и да создаде стартап-бизниси во Македонија – посочува Енгел.


Погодно тло за бизнис

– Македонија претставува ново поле за бизнис. Има простор за доаѓање на компании што можат да отворат свои центри без големи трошоци и да ги привлечат младите во соработка со универзитетите. Имав интересни разговори со млади луѓе што знаат што се случува во странство и сакаат да бидат таму, но, од друга страна, сакаат и да ја промовираат државата оттука, а сега, со процесот за влез на Македонија во ЕУ, има голем потенцијал – вели Шалом.
Енгел додава дека развивањето успешни бизниси претставува надеж за младите.
– Ако имате стартап-компанија, потребни ви се нови идеи од перспектива на областа во која се наоѓате. Со стартап-бизнисите, младите ќе се обидат да успеат со своите идеи. Некои од нив ќе успеат во тоа и ќе заработуваат пари благодарение на сопствената идеја. Тоа претставува надеж за младите – заклучува Енгел.