Нега и убавина
Секоја физичка активност е корисна, а стручњаците неодамна утврдија колку пати неделно треба да тренирате за да ги добиете посакуваните резултати за пократок период.
Типот на тренингот што ќе го изберете зависи од вашата способност, опремата и, секако, од слободното време. Личниот тренер Том Манс за магазинот „Индепендент“ наведе дека треба да се тренира најмалку трипати неделно. Идеално е да се вежба од четири до пет пати, но тоа е недостижно за повеќето луѓе, па затоа најдобро е бројката да се заокружи на три.
– Овој број на тренинзи го изложува вашето тело на доволно голем стимуланс. Наскоро ќе има ефект и ќе станете посилни, послаби и поеластични – вели Манс.
Некои тврдат дека е доволно да се вежба само половина час, но тој смета дека тренингот треба да трае од 45 до 60 минути. Се препорачува 10 минути загревање, три-четири минути вежбање со напор и 5-10 минути пауза.
– Можете да тренирате два дена по ред, но не повеќе од тоа. Не треба да се префорсирате – порачува Манс.
Ако не се одморате, ќе ги преоптоварите зглобовите и мускулите, а можете и посериозно да се повредите.
Добар план на вежбање подразбира користење направи, тегови, но и кардиотренинг.
Манс, исто така, вели дека за добра форма е важен и квалитетен сон. Секоја ноќ треба да спиете најмалку седум часа, за да може вашето тело да закрепне по вежбањето.