Медицински совет

Ако прекумерно и често се потите ноќе, тоа може да биде знак за одредени здравствени проблеми што треба да се лекуваат. Арта Рам, невролог и специјалистка за медицина на спиењето во „Хјустон методист“, истакнува дека има неколку различни причини за ноќното потење.
– Нормално е да се чувствуваат варијации во телесната температура додека спиете, а понекогаш тоа може да доведе до потење. Иако оваа појава е непријатна, ноќното потење е главно безопасно. Сепак, во некои случаи тоа може да биде знак за одредени здравствени состојби – вели таа.
Исто така, едни од причините за ноќно потење може да бидат и консумирање алкохол пред спиење, високо ниво на стрес, високи температури во просторијата каде што спиете, како и одредени видови лекови. Лековите што најчесто може да резултираат со зголемено потење во текот на ноќта се антидепресиви, лекови за хормонска терапија, лекови за хипертензија и лекови за хипогликемија.
– Спиењето и потењето се многу сложени процеси, кои реагираат на многу знаци и дефинитивно можат да влијаат еден на друг – додава Рам.
Ноќното потење се јавува како резултат на здравствена состојба или болест: автоимуни нарушувања, како ревматоиден артритис, лимфом и рак на простата, депресија, срцеви заболувања, хипертироидизам, дебелина, сериозни инфекции како ендокардитис и туберкулоза, нарушувања на спиењето… Исто така, ноќното потење често е еден од првите знаци на менопауза кај жените. Имено, дури 75 отсто од жените имаат проблеми со зголемено ноќно потење за време на менопаузата.
Ако редовно се будите со пот, чувствувате ненадејно потење во текот на ноќта проследено со слабеење или ако ноќното потење ве спречува да спиете квалитетно, време е да разговарате со вашиот лекар.