Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Сања Балџиева

Исхраната во текот на бременост е важен фактор во развојот на плодот и исто така фактор кој зависи од трудницата и од нејзините навики во исхраната. Соодветна исхрана во бременост опфаќа: оптимално покачување на телесната тежина, внесување на различни продукти во исхраната во адекватна количина која нема да означува дуплирано количество, суплементација со витамини и минерали, апстиненција од алкохол и пушење цигари, ограничено внесување на кофеин, безбедно подготвување на храната. Во првиот триместар од бременост не е потребен зголемен калориски внес, за разлика од вториот и третиот триместар од брменоста. Во вториот и третиот триместар од бременоста е зголемена енергетската потреба. По дванаесеттата гестациска недела, дневниот калориски внес зависи од возраст, висината, тежината пред бременост, гестациската недела и физичката активност. Трудниците кои имаат индекс на телесна маса или попознат како БМИ помал од 18.5 или спаѓаат во во групата на неухранетост имаат потреба од дополнителни 300 килокалории на ден. Оние со нормален БМИ кој е помеѓу 18,5 и 25 имаат потреба од дополнителни 150 килокалории на ден, а трудниците со БМИ над 25 имаат потреба од дополнителни 50 килокалории на ден. Оптимален внес на течности (вода и останати течности) во бременост идеално означува внес на 2,3 литри во текот на денот.

Здрава исхрана во бременост опфаќа следење на следните препораки:
-Внесување на сите типови зеленчук, меѓу кои: зрнест зеленчук (грав, грашок), зеленчук со скроб (компир), коренест зеленчук (морков, цвекло, ротква) зелјести растенија;
-Консумирање на сите видови овошје;
-Вклучување на целозрнестите житарици во исхраната;
-Млечни производи, вклучително на млеко со ниска масленост, јогурт и сирење;
-Внесување на храна која е богата со протеини, како на пример: месо, живина, јајца, риба, грав, грашок, леќа, јаткасти плодови;
-Внес на растителни масла, како и храна богата со масла како што е морската храна и јаткастите плодови;
-Внес на соодветно количество на витамини и минерали.

Трудниците во бременоста треба да го ограничат внесот на храна со додадени шеќери, заситени масти и сол. Тие треба да го намалат или целосно лимитираат внесот на преработена храна и пијалоци со т.н. „празни калории”. Зголемениот внес над препорачаните граници за овие намирници може да има негативни здравствени последици. Трудниците треба да се фокусираат на зголемување на внесот на висококвалитетна храна, богата со хранливи материи и витамини.

Макро и микронутритиенти потребни во бременост

Протеините се многу важни во бременоста и нивниот оптимален внес во бременост во вториот и третиот триместар е 71 грам протеини дневно, или 1,1 грам на килограм телесна тежина. Јаглехидратите во бременост треба да бидат застапени со 175 грама на ден. Растителните влакна е исто така многу важно да бидат присутни во секојдневната исхрана на трудницата со соодветен внес на вода, бидејќи помагаат во спречување или намалување на запекот во бременост. Препорачаниот дневен внес на влакна од растително потекло (овошје, зеленчук, целозрнести житарици) е 28 до 36 грама на ден. Мастите треба да бидат застапени со 20 до 35 проценти од вкупниот енергентски дневен внес и особено треба да се внимава на доволниот внес на есенцијалните масни киселини како омега 3.
Микронутритиентите, како витамините и минералите се неопходни во текот на бременоста. Минерали потребни во бременоста се калциум, железо, магнезиум, фосфор, цинк, јод, селен. Витамини, пак, потребни во бременоста се Витамин А, Витмин Д, Витамин Е, Витамин К, Витамин Ц, Тиамин, Рибофлавоноиди, Ниацин, Витмаин Б6, Витмаин Б12, Холин, Фолат.
Витамините и минералите се есенцијални за оптимално здравје и развој. Недостатокот на било кој од витамните може да води до сериозно нарушување како анемија, дефект на неврална туба, пореметување во тироидна жлезда на новородено, невролошки развој и многу други. Иако со многу здрав начин на исхрана богата со овошје, зеленчук, протеини и здрави масти може да се обезбеди доволно количество на повеќето витамини, истражувањата покажуваат дека нутритивните навики на трудниците тоа не го задоволуваат. Во текот на бременост потребата од витамини за развој на здрава бременост и здраво бебе е зголемена. Во случај кога не се суплементира, односно не се примаат дополнително во бременоста, се бележи намалено ниво во крвта на некои витамини. Здрава бременост означува здрави навики во исхраната и дополнување на зголемената потреба од витамини и минерали во бременсот со соодветни препарати за да се превенира недостаток и негативни последици. Затоа се потребни пренатални суплементи кои ќе обезбедат содветен внес пред забременување, во тек на бременост и доење.