Се одликува со изразито забележување, може да се адаптира на сите видови терен во шумата, па дури ако е тој и мочуриштен
Се претпоставува дека ловечкото куче поентер потекнува од шпанските птичари увезени во Велика Британија, во почетокот на 18 век, вкрстени со француските и италијанските птичари. Во 19 век се направени други дополнителни вкрстувања. Поентер на англиски значи куче што покажува каде се наоѓа дивечот. Во Англија е одгледувано за да се создаде куче, кое со своето префинето сетило за мирис лесно ќе најде дивеч, а кога ќе го најде, пак, цврсто ќе стои, ќе го следи и во таа намера е постигнат целосен успех со овој вид куче.
Поентерот е високо, складно градено, шарено ловечко куче. Може да биде шарено (кафеаво или црно), а многу ретко и еднобојно. Главата му е длабока и силна, со речиси квадратна муцка. Ушите му се тенки и прилепени со главата, вратот мускулест, гребенот изразен, грбот прав и цврст, а нозете прави и мускулести. Влакното му е право, кратко и прилепено до телото. Тоа е всушност ловечко куче, кое остава впечаток на сила и сигурност.
Поентерот го бара својот плен трчајќи со високо кренат нос. Се одликува со изразито забележување на дивечот. Може да се адаптира на сите видови терени во шумата, па дури ако е тој мочуриштен. Неговото кратко влакно не му овозможува доволна заштита, така што е многу чувствително на студ и на влага. Бидејќи има вроден талент за лов на дивеч, тој мошне лесно и се обучува. Но затоа, пак, тешко го поднесува животот во стан, па тогаш обично е нервозно.