Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ на 25 април, во соборниот архиепископски храм „Св. Климент Охридски“, го одржа велигденскиот концерт „Воскресение Твое“, на кој гостуваше и детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. Концертот беше поддржан од Министерството за култура, а е посветен на новите ангели на небото: Андреј од „ДНК“, Сара, Ѓорѓи, Филип, Александар и другите жртви од несреќата во Кочани.
На концертот присуствуваа вицепремиерот Љупчо Димовски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, неговото високопреосвештенство г. Јосиф, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Оливера Трајковска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Хорот „Св. Злата Мегленска“ е основан во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот полошко-кумановски г. Кирил. Хорот е составен од 25 женски вокали, претежно од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Основачка, раководителка и диригентка на хорот е Летка Димовска-Полизова. Во април 1999 година, хорот „Св. Злата Мегленска“ го снимил истоимениот музички албум со 12 композиции. Албумот, чиј продуцент е Светлана Марковиќ, бил издаден од дискографската куќа „Аура рекордс“, а бил снимен во Музејот на современата уметност во Скопје. Покрај настапите во Македонија, хорот настапил и во Британија, Белгија, Германија, Франција, Италија, Грција, Австралија, САД, Хрватска, Полска и во други земји. На 7 август 2015 година, хорот настапил на 55. издание на фестивалот „Охридско лето“.