Во Македонскиот народен театар започнаа читачките проби на претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) – по текст на светски познатата француска авторка Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.
Станува збор за еден од најпоставуваните текстови на Реза, напишан во 2006 година, за кој добива и многубројни награди. Режисерката Петрушевска го одбира овој текст на оваа брутално црна комедија, која безмилосно ја разобличува современата елита, притоа користејќи иронија и сарказам за да предупреди на дволичноста на човечката природа.
– Текстот изобилува со брилијантни дијалози и извонредна веродостојност на ликовите на две брачни двојки, кои ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски, Наталија Теодосиевa, а кавгата меѓу двете момчиња е причината родителите да ја преземат контролата врз нивните односи. Односите стануваат сè понапнати, ситуацијата ескалира и се претвора во меѓусебни обвинувања и општо пресметување во сѐ поголеми размери. Двојките водат психолошка војна, а на виделина излегуваат и долго скриените несогласувања во двата брака – велат од МНТ.