Можеби мислите дека дипломата за архитектура е услов за да се биде успешен архитект, зошто инаку би се ставиле себеси низ толку години архитектонско училиште? Па иако титулата „архитект“ може да биде заштитена во многу земји, тоа не значи дека не можете да дизајнирате неверојатна архитектура, како што го покажаа тоа овие девет неверојатни архитекти.
Френк Лојд Рајт
Човекот означен како „најголемиот американски архитект на сите времиња“ од страна на Американскиот институт за архитекти во 1991 година, немал диплома за архитектура, иако беше награден со почесен докторат за ликовни уметности од неговото поранешно училиште. Комбинацијата на семејни околности и разочарувањето од образовниот систем го навело Рајт да го напушти Универзитетот во Висконсин, Медисон, во 1887 година, по само една година студии по предметот градежништво. Наместо тоа, тој се преселил во Чикаго, за да стекне искуство од реалниот свет како асистент на архитектот Џ.Л. Силсби. Додека работел под негов надзор, Рајт искористил шанса и се пријавил за работа во компанијата „Адлер енд Саливан“. Овде, Луис Саливан му ги обезбедил основите на архитектурата на Рајт, пред да воспостави сопствена практика во 1893 година.
Луис Саливан
Подучувачот на Рајт, Луис Саливан, имал непостојано и различно формално образование. Тој завршил средно училиште на шеснаесетгодишна возраст во 1872 година и бил примен на Технолошкиот институт во Масачусетс, единственото американско архитектонско училиште во тоа време. Нетрпеливоста го натерала да се повлече на крајот на годината, а потоа следувале две кратки стажирања: првото, кај архитектот Френк Фурнес во Филаделфија, а второто, кај архитектот инженер Вилијам Ле Барон Џени, истакната фигура во развојот на Факултетот за архитектура во Чикаго. Во летото 1874 година, Саливан отпловил во Европа и се запишал во влијателната школа за ликовни уметности во Париз, каде што повторно останал само една година. По враќањето во Чикаго во јуни 1875 година, тој кратко работел како цртач со неколку фирми, пред да се приклучи на канцеларијата на идниот партнер Данкмар Адлер во 1879 година. Саливан го делел истиот презир на Рајт за формалното образование.
– Колку е чудно што образованието, во практика, толку често значи потиснување: што наместо да го води умот кон светлината на денот, тој ги натрупува работите во него што го затемнуваат и изморуваат – забележува тој во 1894 година.
Ле Корбизје
Швајцарскиот архитект и урбанистички планер бил на пат да го научи занаетот на неговиот татко за емајлирање и гравирање рачни часовници, запишувајќи се на 15-годишна возраст во Училиштето за декоративни уметности во неговиот роден град Ла Шо де Фонд. Меѓутоа, три години подоцна, неговиот учител по историја на уметност, Чарлс Леплатение, инсистирал момчето наместо тоа да стане архитект и му помогнал да ја обезбеди својата прва пракса на локални проекти. По негов совет, младиот Корбизје, исто така, многу патувал низ Европа помеѓу 1907 и 1911 година, во градови како Атина, Венеција, Виена и Минхен, додека накратко учел во неколку архитектонски канцеларии. Тој се вратил дома во 1912 година, за да предава и да отвори своја архитектонска пракса, пред на крајот да се пресели во Париз во 1917 година.
Лудвиг Мис ван дер Рое
Човекот што го измислил афоризмот „помалку е повеќе“ е роден во скромно семејство на каменоресци во Ахен, Германија, што значело дека неговите шанси за формално образование биле мали. Следејќи го почетокот на школувањето како ѕидар додека бил во трговско училиште, Мис работел за голем број архитекти од Ахен скицирајќи контури на архитектонски орнаменти, задача што помогнала да се усовршат неговите вештини за цртање и нацрт. Тој се преселил во Берлин во 1905 година, на деветнаесетгодишна возраст, за да работи за архитект, но ја оставил својата работа за да биде чирак кај Бруно Пол, водечки дизајнер на мебел од тоа време.
Бакминстер Фулер
Иако се смета за еден од најголемите умови на нашето време, Фулер имал лош однос со формалното образование. Човекот што ја популаризира геодетската купола бил избркан од универзитетот „Харвард“, не еднаш, туку двапати, за никогаш да не дипломира. Тој ги откри своите околности во едно предавање во 1961 година.
– Татко ми умре кога бев сосема млад и иако моето семејство беше релативно сиромашно, дојдов на „Харвард“ од подготвително училиште за доста богати семејства. Наскоро видов дека нема да бидам вклучен во клубовите како што би можел да бидам ако бев многу богат или ако имав татко што се грижи за мене, бидејќи голем дел од членството во клубовите беше однапред договорено од дипломираните комитети на клубовите. До тој момент не бев свесен дека постои систем на социјални класи и дека има различни слоеви на граѓани – раскажал Фулер.
Луис Бараган
Мексиканскиот архитект добитник на Прицкерова награда за архитектура, чија работа е наречена минималистичка, емотивна и мистична, се образовал на Слободното училиште за инженери во Гвадалахара, Мексико, дипломирајќи како градежен инженер во 1923 година, додека продолжил да работи кон диплома по архитектура, која никогаш не ја стекнал. При посетата на Меѓународната изложба на декоративна уметност во 1925 година, Париз, тој се запознал со објавените дела на францускиот пејзажен архитект и илустратор Фердинанд Бак. Шест години подоцна, Бараган ги запознал Бак и Корбизје при друга посета на Европа, двајца архитекти што на крајот ќе имаат големо влијание врз неговата работа.
Карло Скарпа
Тој бил италијанска енигма, познат по својот посебен пристап кон дизајнот и градењето, присуствувал на Кралската академија за ликовни уметности во Венеција, од каде што дипломирал како професор по архитектонско цртање во 1926 година. Одбивајќи да го положи потребниот стручен испит, тој бил ограничен да практикува архитектура без да се поврзе со друг архитект. Својата кариера ја започнал во Кралскиот супериорен институт за архитектура во Венеција, предавајќи архитектонско цртање. Дури по Втората светска војна, Скарпа добил признание како архитект, а особено за реновирањето на музејот „Кастелвекио“ во Верона, Италија, во 1964 година.
Тадао Андо
Јапонскиот архитект, добитник на Прицкерова награда, бил професионален боксер во Осака, Јапонија, пред студијата на неговиот учител по математика и локалните столари да го поттикнат неговиот интерес за архитектура. Андо не можел да си дозволи универзитетско образование, па се самообразовал, со читање книги, посетување ноќни часови, посета на згради во Јапонија и во странство и проучувајќи ги. По мноштво неформални учења, Андо, во 1969 година, отворил своја архитектонска фирма на дваесет и осум години.
Питер Цумтор
Лауреатот на Прицкеровата награда во 2009 година е роден во Базел, Швајцарија. Татко му бил столар и љубовта кон техничките науки ја открива учејќи столарство, од 1958 до 1962 година. Своето образование за дизајн го продолжил во Базелското уметничко и занаетчиско училиште (1963-67), каде што наставниците од училиштето за архитектура и декоративна уметност „Баухаус“ го научиле на, како што објаснил за списанието „Њујорк тајмс“, сите основи на дизајнот, занаетчиството на цртање, мешање бои, бел простор и негативен простор – форма, линија и површина.