Кон книгата кратки раскази „222 антиупатства за лична употреба“ од Александар Прокопиев,во издание на „Авант прес“, Скопје, 2019 година

Александар Прокопиев е најесенцијалната книжевна појава во македонската книжевност. Со неговите дела започнува нова ера во македонската стилистика, нов начин на мислење со контрастност, дихотомичност и полисемичност што многу вирално се прошири и кај другите негови, а и денешни, наши современици. Прозата на Прокопиев е истовремено и блиска, но и далечна од реалистичните текови, аспектите особено на неговата кратка проза се и мултизначни, но и полни со пораки, кои, вмрежувајќи се во секојдневието, метаболитички навлегуваат во интелектот на секој негов реципиент, на секој негов читател.
Пред нас се наоѓа една епохална книга под наслов „222 антиупатства за лична употреба“ што меѓу своите страници чува четиридецениска согледба на она што се вика наше опкружување, но и на она што би го нарекол цивилизациска културна тектоника. Оваа, насушно потребна книга во македонскиот книжевен реалитет во своите дамари крие и лаконски, кратки согледби, но и кратки раскази што се покажувале себеси како колумни, но, еве, си го продолжиле својот живот како кратки раскази. Зошто „антиупатства“, а не „упатства“? Затоа што Прокопиев, како и секој мудар писател го наслушнува овој грешен 21 век и одделил дел од својот талент за да ни укаже на тоа дека цивилизацијата и нејзината културна полисемичност не се повторуваат таксативно, туку дека минатото со сегашноста е поврзано како кората на дрвото, дека и минатото и сегашноста повремено влегуваат во прегратка едно со друго за да нѐ предупредат на иднината, која, пак, еве, веќе гледаме дека започнува да ни се одмаздува за сите погрешни „упатства“ што сме си ги давале едни на други или можеби сме ги завиткале во оставини и сме креирале антилегенди. Антиупатствата во оваа прекрасна книга на антилегендите што урбаната стварност и минатото си ги прераскажуваа за да се утешат од злото што самите го создаваат, се тврдина од мигови што со својата актуелност го одредуваат и нашиот, но и неговиот духовен крвоток.

Многу е тешко да се одреди цитат од оваа книга. Ретки се книгите во кои секој збор, секоја сентенца, секоја мисла е важна и неотповиклива. Книгата „222 антиупатства за лична употреба“ ги отвора дамарите на личното за да му укаже на универзалното што крие есејот на Бела Хамваш, за рецептот за Патриотизам, за љубовта и жената, за предизвикот на постмодернизмот, за чистењето на библиотеката, за моќта на Големите луѓе (автори), за параболичноста во „Личниот прирачник по фантастична политика“, најдолгиот расказ во оваа книга, за трите прозни хаибуни под многу чуден наслов „Прдикокоси“, но и за една вивисекцијата на флертот на модерното време со раздробената и реинсталирана мудрост на минатото. Прокопиев во една реченица говори за постмодернизмот како своевидно прелевање преку жанровите, а во своите кратки раскази и колумни се предава на многу неблагодарната аналитика, која низ својот демистификациски процес им додава на политиката и социјалата амалгам на „наследна“ деструкција, која досега била невидлива, но крајно влијателна. Како што споменав погоре, оваа книга има и многу аспекти, но има и многу отворени прашања. Прокопиев скоро во сите раскази приоѓа хипотетички, користејќи го постмодернизмот како инструментариум за сенчење на реалитетот и отворање на неговата досега неистражена срж.

Франсоа Лиотар во една пригода рекол дека „едно дело може да биде модерно, доколку прво било постмодерно и дека така разбраниот постмодернизам не е конечно модернизам, туку е во неговата зародишна состојба и дека таа состојба е константна.“ Впрочем, „222 антиупатства за лична употреба“ е книжевна постмоденистичка гозба, која сите свои теми и мотиви ги „деконструира“ низ некој чуден механизам: креирајќи суптилно поместен реалитет со еден фин комичен прелив, кој низ синтагмите на Прокопиев и нѐ враќа назад, но и нѐ фрла во бездната на неодлучноста и колебањето. Токму затоа сите овие 222 антиупатства се напишани за да не се „употребат“, но како што велиме во некои градови да се имаат „на дикат“. Нашето внимание во секојдневниот живот е главно фрагментарно затоа што помислата секогаш ни е заборавена во мрежата од потрепштини и обврски. Мрежа од хедонизам и опстанок. Книгата „222 антиупатства за лична употреба“ ја реконципира таа фрагментарност и се чини дека токму тука лежи рецептот за „видливоста“ на обичниот човек, кој во овие прекрасни кратки раскази е и херој, но и антихерој, втурнат во толпата со една мисла прошепотена од големиот автор Александар Прокопиев: како знае и умее да засјае и да покаже дека е тука, меѓу нас.

Сашо Огненовски