Познатиот портрет на Мерилин Монро на уметникот Енди Ворхол е продаден на аукција за 195 милиони долари, што го прави најскапото американско уметничко дело на 20 век. Сликата „Шот сејџ блу Мерилин“ ја насликал Ворхол во 1964 година, користејќи ја познатата фотографија како инспирација.
Пред аукцијата, аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека сликата е една од најретките и најтрансцендентни слики што постојат. Аукцијата заврши со продажна цена од 170 милиони долари, која со даноците и таксите се искачи на 195 милиони.
Претходната рекордна цена на едно американско уметничко дело беше 110,5 милиони долари за слика на череп, направена во 1982 година од пријателот на Ворхол, а понекогаш и негов конкурент Жан-Мишел Баскијат. Конечната цена, исто така, го соборува претходниот рекорд за уметничко дело од 20 век, поставен во 2015 година, кога сликата „Жените од Алжир“ на Пабло Пикасо од 1955 година беше продадена за 179,4 милиони долари, вклучувајќи ги и таксите. Во март, Џорџ Фреј, претседател на фондацијата „Томас и Дорис Аман“, рече дека сликата на Монро сведочи за нејзината несмалена визуелна моќ во новиот милениум.
Мерилин ја нема. Ужасните околности на нејзиниот живот и смрт се заборавени. Останува само загадочната насмевка што ја поврзува со уште една мистериозна насмевка на угледна дама, Мона Лиза – рече Фреј.
„Блумберг“ објави дека сликата ја купил американскиот трговец со уметнички дела Лари Гагосијан, кој поседува синџир уметнички галерии.
Според „Кристи“, сите приходи од продажбата ќе бидат наменети за швајцарската фондација „Томас и Дорис Аман“ во Цирих, која работи на воспоставување здравствени и образовни програми за децата низ светот.
Аукцијата беше прва од серијата големи уметнички аукции планирани од реномираните аукциски куќи „Кристи“ и „Сотби“ во следните две недели, по периодот на пандемијата.