Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Создадено во Европа; моќта на различноста“, ја објави книгата „Мутации“ од Франсис Кирпс. Книгата е збир од седум приказни и една песна, секоја базирана на класичен текст, од Црвенкапа до Вирџинија Вулф. Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во рамките на Креативна Европа на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Франсис Кирпс е писател, сценски поет и сатиричар. Роден е во Луксембург. По завршувањето на гимназијата, студирал психологија во Стразбур и работел, меѓу другото, како училиштен психолог и наставник. Во 2000 и 2001 година бил награден на Националниот литературен конкурс. Набргу потоа ѝ се посветил на поетската слем-сцена и во следните години учествувал на над 500 слем и читачки сценски изведби во германското говорно подрачје. Во 2005 година, заедно со Кристијан Бартел и Анселм Нефт, го основал бонското литературно списание EГЗOT, чиј уредник бил до неговото затворање во 2015 година. Од 2014 година пишува колумни за „Вархајт“, сатиричната страница на германскиот дневен весник „Tац“. Досега ги има објавено книгите: „Планета Луксембург“ (2012 год.), романот „Класот од 77 – панкрок-роман“ (2016 год.), „Мутации – 7 приказни и една песна“ (2019 год.) и „Вепар во магла“ (2020 год.).
Во 2020 година, Франсис Кирпс за „Мутации“ ја добил наградата „Серваис“ и Наградата за литература на Европската Унија.
„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект што опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги што се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен.