Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска во 12 часот, во просториите на ИМЛ, ќе ги одбележи двата јубилеја на македонскиот истакнат писател, поет, раскажувач, енциклопедист и публицист Јован Павловски: 85 години од неговото раѓање и 65-годишната творечка дејност.
Собирот ќе го отвори претседателката на Организациониот одбор проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од ИМЛ, а за творештвото на Павловски ќе зборуваат акад. Катица Ќулавкова (МАНУ) на темата „Поетското творештво на Јован Павловски видено низ призма на неговите митски, историски и поетски слики“, проф. д-р Наташа Аврамовска ќе зборува за романот „Град, години, луѓе“ на Павловски во излагањето со наслов „Правта и ѕвездите“, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева на темата „Романескниот опус на Јован Павловски“ и проф. д-р Гоце Смилевски ќе зборува на темата „Роман за еросот, отуѓеноста и општествената ентропија: „Сок од простата‘ од Јован Павловски“.
Како поет, раскажувач, романсиер, писател за возрасни, писател за деца и млади, хроничар документарист, енциклопедист и публицист, Јован Павловски создаде богат и разновиден опус, кој има свое значајно место во летописот и тековите на современата македонска литература. Дебитираше со стихозбирката „Август“ во 1961 година, а потоа објави низа поетски книги, меѓу кои: „Медеја“, „Идентитет“, „Ментален простор“, „Одработен страв“, „Строгоста на живеењето“ и други. Автор е на романите „Тоа Радиовце“ во кое паѓам длабоко, „Сок од простата“, „Проверка на слободата“, „Град, години луѓе“ и други. Павловски има објавено и повеќе документаристички дела, меѓу кои: „Блиско сонце“, „Гемиџиите“, „Ѕвездена прашина“, „Огнено семејство – Спомени на Лика Чопова“, „Ние на Татковината ѝ должиме сѐ, а таа нам ништо!“, „Судењата како последен пораз“, „Кажувања, како и публицистичките: Бев со нив“, „Од онаа страна на границата“, „Од првична идеја до држава“ (коавтор: Мишел Павловски) и други.
За своето дело, Јован Павловски е добитник на врвни награди, меѓу кои: „Климент Охридски“, Рациново признание, „Стале Попов“, Книжевно жезло за творечки опус, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Златна плакета на Град Тетово, „19 Ноември“ на Град Тетово, „13 Ноември“ на Град Скопје, „Крсте Мисирков“, „Духовен воин“ и „Златно перо“. Неговото творештво е преведено на повеќе од 20 јазици во светот.