Претставата „Мац, мац!“, во режија и кореографија на Филип Петковски и копродукција на „Пресврт“, театар „Џинот“- Велес и институтот „Гете“, ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на годинешниот Интернационален театарски фестивал во Приштина, кој се одржа помеѓу 20 и 26 мај.
Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа Народниот театар од Сараево, „Интегра“ од Приштина, „Ерато театар“ и ХНК од Загреб, експерименталниот театар „Кујтим Спахивољи“ од Тирана и Народниот театар од Подгорица. Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка), пак, додели четири награди односно за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава, додека награди за најдобра претстава беа доделени и од страна на публиката, како и од жирито составено од новинарките Теута Арифај (АТВ), Лумира Келменди (РТК) и Адриана Пајазити (Култплус). За најдобра главна улога беа номинирани актерите Ведран Чешарек и Ана Јовановска, додека за најдобра режија беше номиниран и режисерот Филип Петковски.
Актерите и режисерот од „Мац, мац“, кои настапија на фестивалот на 23 мај, велат дека се изненадени од високото ниво на професионализам и беспрекорна организација од организаторите на фестивалот, кои групата ја пречекале со сите почести. На свеченото доделување на наградите, режисерот Филип Петковски изјави дека е радосен што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот им дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија, во која битно место заземаат и студентите, да бидат во официјална селекција со националните театри од регионот.
Во рамките на фестивалот, режисерот одржа и работилница по постдрамски театар пред група млади актери и студенти по актерска игра од Косово, на кои им ја демонстрира техниката „вјупоинтс“, по која е работена претставата. По успешното гостување во Приштина, претставата наскоро ќе гостува и во Скопје, како и на затворањето на Интернационалниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември, кој има натпреварувачки карактер.