Концерт на Љубиша Кировски, соло-виолина и виола, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба, во рамките на фестивалот „Златна лира“. На концертот ќе бидат изведени композициите: сонатата „Ѓаволски трилер“ од Џ. Тартини за соло-виола (аранжман на Љ. Кировски), „Песна“ за соло-виола од Т. Зографски, „Македонска рапсодија“ од Љ. Кировски (премиерна изведба во Македонија) и Осум пиеси за соло-виолина од А. Игудесман.
Љубиша Кировски дипломирал на ФМУ во Скопје, во класата на проф. З. Димитровски, во чија класа и магистрирал со посебна пофалба. Повеќепати концертирал како солист со Македонската филхармонија, честопати премиерно изведувајќи дела од македонски автори. Во 2001 година настапува во Санкт Петербург, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“, со рецитал и со оркестарот на Санктпетербуршката капела. Како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, во 2006 година реализира концертна турнеја во шест града во Шведска. Настапувал и како солист со камерниот оркестар „Скопски солисти“. Кировски бил концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година, Кировски е претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).