„Нема да биде крај на светот“, копродукциската претстава на Македонскиот народен театар, „Перипетија продукција“ и сараевскиот воен театар „Сартр“, е дел од интернационалните театарски средби „Брчко дистрикт“ во Босна, кои се одржуваат под слоганот „Болест на општеството“. Во официјалната фестивалска програма, која започна на 20-ти, а ќе заврши на 28 октомври, покрај нашата театарска куќа, опфатени се и театри од регионот, меѓу кои: Сатирично казалиште „Керемпух“ и Градско драмско казалиште „Гавела“, Загреб – Р Хрватска; Црногорско народно позориште и Центарот за култура во Тиват – Р Црна Гора; Босанско народно позориште, Зеница – БиХ; „Ателје 212“, Белград, и Српско народно позориште, Нови Сад – Р Србија и други.
Театарските средби во Брчко се основани пред 49 години, а во својата речиси полувековна традиција, средбите ги променија правилата и предлозите за организацијата, продукцијата, структурата на оценувањето и наградувањето на претставите и поединците, како и начинот на селекцијата и изборот на изведбите.
Според селекторот Владо Керошевиќ, од оваа година тоа се „Интернационални театарски средби“, на кои можат да учествуваат сите театри од БиХ и од странство, со квалитетни претстави, без разлика на јазикот на кој е напишан или изведен драмскиот текст.