Фото: Принт-скрин

Косово ќе се оглуши на повиците од Западот за десетмесечно одлагање на прописот за регистарските таблички, како што истакна косовскиот премиер Албин Курти, што се смета дека би можело да ги засили етничките тензии, пренесува „Ројтерс“.

Прописот има цел да ги принуди косовските Срби да ги прифатат регистарските таблички со косовски ознаки, што наиде на силен отпор.

Главните поддржувачи на Косово, САД и Европската Унија, јавно побараа од Курти одложување на прописот за 10 месеци, за да се избегнат етничките тензии. Косовските власти им дадода на Србите рок од 60 дена, што завршува на крајот од месецов, за да набават нови регистерски таблички.

– Веќе го одложивме крајниот рок. Последниот датум е 31 октомври, кога сите граѓани на Косово што имаат стари регистерски таблички, кои се наследство од ерата на Слободан Милошевиќ, ќе можат да ги сменат во легитимни таблички – им кажа Курти на новинарите во Приштина.

Тој истакна дека има околу 10 илјади сопственици на возила што ќе треба да ги сменат старите таблички кои датираат пред 1999 година.

Разговорите помеѓу Косово и Србија со посредништво од ЕУ и САД досега не успеаја да изнедрат решение за прашањето, откако Приштина на 1 септември го одложи последниот обид за наметнување на регистарските таблички.

–  На нашиот народ му претстои тешко време и би било лудо од мене да предвидувам било што – кажа српскиот претседател Александар Вучиќ одговарајќи на прашањето што ќе се случи на 1 ноември кога ќе истече рокот на Косово за табличките.

САД се надеваат дека Косово и Србија ќе постигнат договор за регистарските таблички на мирен начин во наредните денови, давајќи назнака дека набргу се очекуваат важни одлуки, според последните изјави од Стејт департментот.

НАТО кој има 3.700 мировници на теренот, ги повика двете страни да изнајдат решение и да не поттикнуваат конфликти во регионот оптоварен од етнички тензии.