Почнува филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран
Од 7 до 11 август, на локации во Дојран, Богданци, Валандово и во Гевгелија, ќе се одржи по трет пат филмскиот фестивал „Преку езерото“, фестивал на балкански и медитерански филм. Свеченото отворање е на 9 август, во 20 часот, во Амфитеатарот во Стар Дојран. Официјалната селекција ќе биде отворена со краткиот македонски игран филм „Параноик“ на режисерот Андреј Георгиев, а потоа ќе биде прикажан „Руски конзул“ во режија на Мирослав Лекиќ, филм во кој Мето Јовановски го имаше последното актерско појавување.
Иницијативата за фестивалот е на Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент. Замислен е како фестивал на кој ќе се претстават автори што живеат или потекнуваат од балканските и од медитеранските земји. Централниот дел на фестивалот е фокусиран на филмовите и филмаџиите. Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди одлична програма на отворено, на брегот на Дојранско Езеро.
– Нашиот фестивал веќе прераснува во етаблиран фестивал на балкански и на медитерански филм, во кој се разработуваат теми што го карактеризираат духот на Медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји. Основната идеја на фестивалот од оваа година ќе биде негова регионализација, односно тој да стане фестивал на градовите од југоистокот на Македонија, како и вмрежување на културата и уметноста заедно со туризмот. Имаме прекрасни духовни, културни и цивилизациски вредности и време е да се научиме како да им ги понудиме тие вредности на туристите што го посетуваат овој регион – вели иницијаторот на фестивалот, режисерот и продуцент Јани Бојаџи.
Мими Ѓоргоска, претседателка на Советот на фестивалот „Преку езерото“, во своето обраќање истакна неколку новитети што ќе го обележат ова издание. Првиот ден пред официјалното отворање на фестивалот ќе биде понудена филмска програма за младите и тинејџерите бидејќи, како што додаде таа, филмската писменост е многу значајна во развојот на една млада личност. Првиот ден од официјалната програма ќе има натпреварувачки карактер, а меѓународна комисија ќе ги оценува филмските остварувања. Втората новина е што од оваа година се воведуваат две награди за актерски остварувања. Првата, која е насловена „Награда Мето Јовановски“, за извонредно актерско остварување во уметноста и филмот, годинава му е доделена на Владо Јовановски. Исто така, ќе му се додели и награда на актер со врвни остварувања во филмската дејност во Македонија, на Балканот и на Медитеранот.
– Она што го предвидува фестивалот како новина, со цел и развој на македонската филмска и телевизиска продукција, преку поддршка на младите автори, е распишување конкурс што ќе се однесува за дипломскиот филм. Конкурсот веќе е објавен и е наменет за студентите од Факултетот за драмски уметности при УКИМ и од Универзитетот „Еуропа прима“. Предност ќе имаат младите од југоисточниот дел од земјата. Три краткометражни филма ќе добијат финансии во висина од еден милион денари, во рамките на фестивалот „Преку езерото“ – вели продуцентот Дејан Милошовски. В.Д.