ДВА СРЕДОВЕЧНИ КУСИ РАСКАЗИ

Напишани пред четири децении, некоја година повеќе или помалку, овие ДВЕ мои куси прози благодарение на поканата на тамошните студенти и нивните професори, последниве месеци се подмладија со ново читање и толкување во Србија и Словенија. Оттаму мислам дека сѐ уште се доволно млади и „згодни“ за да се појават во новиот број на ЛИК.

КОМЕДИЈАНТ
Го навлече кловновското лице и појде по светот.
Тираните го сметаат за шут. Сепак, и на најжестоките им ја враќа одамна невидената насмевка.
Срамежливите ќе заиграат со него, па иако сето тоа им се чини будалесто, отпосле не чувствуваат никаков срам.
Разбушавен, безгрижен, ги охрабрува страшливците по правливите крчми да го навредат. Додека му се смеат, зачудени од каде им е толкав кикот, тој веќе ита кон идниот град.
Понекогаш, ноќта ќе го фати на патот. Таму, меѓу тревките и ѕвездите, ја свлекува маската. Бавно, како вљубеник, минува со дланката по своето лице.
Да не се заборави.

ETHICA ANTHROFAGON
(осум правила за воспитано човекојадешко однесување)

Жедта за допир со месото, уживањето во голите човечки тела. Зарем тука не е скриен апетитот кон човечкото месо?
(Новалис: Фрагмент 1209)
1. Бидете секогаш гладни. Тогаш, веќе сте слични.
2. Голтајте се со очите, најпрвин. Потоа, ненадејно, возбудувачко каснување! Важноста на првиот загриз, зачеток на богатата заемна гозба.
3. Подари ѝ го, во метално кутивче со анаграм, својот показалец со свршенички прстен или левото уво со обетка. Тоа страшно ќе ја задоволи, како да ѝ ја даруваш последната роза или ја водиш на бесплатно патување со времеплов.
4. Густирајте се со љубов. Во секој залак најдете дел од себе. Чисто, рамномерно, искрено џвакајте. Ќе си станете неопходни.
5. Замислувајте! Потрагата по храна е неоспорно возбудлива колку и хранењето. Бидете сокол и пиле, волк и јагне, лав и срна. Улогата на пленот менувајте ја според надворешните временски услови: кога е жешко, играј ја ти, кога е дождливо – таа.
6. Усовршувајте го визуелниот впечаток. Користете облека од кожа, сомот или сроден надразнувачки материјал. Нека ве инспирира рафинманот на француските гурмани, нивната побожна страст кон спојот на изворот и мемлата, на раѓањето и гнилежот. Вкусот на темјанот може да биде исто толку брутален, како што може да биде божествен загризот на гнилата крушка.
7. Шегувајте се! Напишете проштално писмо. Потоа, со нагласен апетит, изедете го вашиот минијатурен двојник од марципан, желе или жолт пудинг. Ноншалантно извадете го писмото од коверт и прочитајте ја последната желба: „Го заветувам своето тело за напредок на кулинарството“.
8. Романтичноста изумира во празниот желудник. Но ситоста е банална, тромава, најгорчлива измама за мечтаењето. Секојдневно дразнете го апетитот, но никогаш не прејадувајте се докрај. Бидете секогаш гладни!