ПОРТАЛОТ МАРХ ПРОСЛАВИ ЈУБИЛЕЈ
По повод 10-годишниот јубилеј на порталот за македонска архитектура МАРХ во „Паблик рум“ се одржаа низа активности што ги слават минатото, сегашноста и иднината на архитектурата во Македонија. Овој јубилеј имаше цел да ја обедини архитектонската заедница во еднодневен настан.
– Десет години МАРХ, македонска архитектура, или десетлетие на порив што не ви остава мир да ги следите работите од страна. Декада на борба за глас на македонската архитектура, која некаде пред формирањето на marh.mk ги доживуваше своите најголеми порази. Се надевам дека по овие изминати години на ентузијазам, искрена љубов и добронамерност успеавме да станеме бренд и глас што не е лесен за игнорирање, а оттука и доброчинители на македонската архитектонска сцена. МАРХ е простор каде што треба да се пресретнеме, отстрамиме и бидеме искрени меѓусебно. Да упатиме пофалби, предлози, концепти, да предупредиме и особено да не се плашиме да упатиме критика, но и понатаму да бидеме достојни во дискусијата за да имаме образ да отпоздравиме со: Секому добро! – вели Филип Конески по повод јубилејот.
Во рамките на програмата беше отворена изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“, која ја обработува историската граѓа од која потоа произлегува современата македонска архитектура меѓу 1944 и 1974 година, и беа презентирани 64 нови фотографии, кои го опфаќаат периодот од последните 50 години до денес. Признание за особен придонес кон афирмацијата на македонската архитектура му беше доделено на списанието „Порта3“, кое со децении е присутно на нашата сцена.
Се одржа и базар составен од уникатни принтови и книги до функционални дизајнерски предмети, а изложуваа: „5 до 12“, „Анго“, „Акреа“, Тијана Стојковска, студиото „Дана Андо“ и „Арс ламина“. Потоа беше промовирана книгата „Артемушкин и Скопје“, авторско дело на Ноеми Чаусидис и Мартин Ефремовски. Публикацијата ја истражува плодната работа на архитектот Иван Артемушкин во Скопје меѓу 1920 и 1940 година. Следуваше панел-дискусија „10 години подоцна, како понатаму?“. Темата го отвора прашањето на проектот „Скопје 2014“, променетата урбана матрица на Скопје и предизвиците што произлегуваат од тоа, како што се дисконтинуитетот, деградацијата на јавниот простор, уништувањето на зеленилото и наследството од постземјотресниот период. Како понатаму? Панелисти беа Мишко Ралев, Дејан Ивановски и Иван Арсовски, а модератор беше Мартин Ефремовски. В.Д.