Кустосот од Париз Марк Рестелини, кој е водечки експерт за фалсификати, претстави нова изложба на италијанскиот сликар Амедео Модиљани во познатиот виенски музеј „Албертина“.
Рестелини на јавноста ѝ укажа на фактот дека на изложбата посветена на овој уметник во Џенова во 2017 година имало низа фалсификати. Му се придружија и многу други експерти, а се докажа и дека во „Дуждовата палата“ во Венеција има најмалку дваесет лажни дела од Модиљани, по што интервенираше полицијата и ги заплени. Имено, Модиљани е едно од оние имиња што се најмногу фалсификувани на уметничкиот пазар. За тоа има многу причини, тој е популарен меѓу колекционерите, се смета, иако погрешно, дека е лесно да се копира, а и починал млад, па не оставил многу дела зад себе. По изложбата во Џенова, на која италијанските кустоси беа доста засрамени, ниту еден музеј освен виенската „Албертина“ не се осмели да направи изложба на Модиљани.
Но директорот на „Албертина“, Клаус Албрехт Шредер, го покани Рестелини да соработува. Ги запознал заеднички пријател и тие веднаш одлучиле да соработуваат, на изложбата со која Шредер сакаше да ја одбележи стогодишнината од смртта на уметникот. Станува збор за прва постпандемиска изложба во музејот во близината на операта, кој во други времиња го посетуваа милион луѓе годишно. На изложбата се прикажани осумдесет слики од Модиљани и неговите современици, пишува „Јутарњи лист“, кој направи и интервју со Рестелини.
Марк Рестелини по повод лажните дела на Модиљани претходно има говорено во многу весници, од „Њујорк тајмс“ до „Ле монд“.
– Откако отидов во Џенова и ги видов фалсификатите, навистина направив хаос таму – вели кустосот.
Рестелини раскажува дека приказната е и од лична природа.
– Дедо ми Исак Антер беше сликар од кругот на Модиљани. За името на овој уметник знам откако знам за себе, се провлекуваше низ три генерации во моето семејство – вели тој.

Шредер го посочува фактот дека дури 80 проценти од делата на Модиљани се во рацете на приватни колекционери.
– Многумина не сакаат да позајмуваат дела од безбедносни причини, а некои се изгорени од изложби како онаа во Џенова. Целата оваа област е контаминирана со лажна уметност. Приватните колекционери, се разбира, се држат до своите колекции и им е важно нивните дела да бидат прикажани во добар контекст и сите тие добро го познаваат Марк, затоа ги добивме уметничките дела што ги сакавме – вели Шредер.
Кураторот на изложбата, ловецот на лажните дела на Модиљани, пак, додава дека колекционерите што го имаат Модиљани во своите колекции ретко ги позајмуваат своите дела и важно е да ве познаваат.
– Оние што изложуваа во Џенова беа шокирани. Некои ми се јавија порано, ги советував да не изложуваат. Сопственикот сака да ја зачува репутацијата на сликата, нејзиниот квалитет и ќе ја покаже само ако квалитетот е загарантиран – објаснува тој.
Рестелини дополнително ја објаснува потребата од фалсификување на Модиљани.
– Тој почина млад и не сликаше толку многу, како на пример, Пикасо. За споредба, во француските музеи има околу 6.000 дела на Пикасо и околу дваесет на Модиљани. Некои луѓе мислат дека е лесно да се копира Модиљани, но грешат. Неговите дела се слоевити. Теоријата можеби не се занимаваше со него како со Пикасо, но Модиљани некако остана сам во својата работа. Имено, нема уметници што директно го следат, како во случајот со Пикасо. Многу повеќе следбеници имаше Хаим Сутин, кој влијаеше на американскиот експресионизам, а кој беше препознаен и промовиран од Модиљани. На изложбата, патем, можете да погледнете и портрет на Сутин од италијанскиот уметник, што покажува како го препознава како врвен автор – вели кустосот.
Заедно со изложбата на Модиљани, која во познатиот музеј ќе биде отворена до јануари следната година, посетителите се поканети да ги видат делата на уметниците чиј цел нивен живот е обележан со сиромаштија, прекумерна употреба на дрога, сериозни болести, многу удари на судбината.

Модиљани бил болежлив од рана возраст. Тој бил најмладото дете во семејството од Ливорно, роден на 12 јули 1884 година, неговиот прекар бил Долчиле, или Слатко, го чувале и го школувале дома, за да не комуницира премногу со другите поради болеста, која, се разбира, го дефинирала. Додека живеел во Париз, каде што бил протагонист на познатата сцена од Монмартр, често знаел да користи дрога, многу повеќе од неговите колеги. Тој, како што е познато, бил голем љубител на жените. Последната слика на изложбата, на пример, е онаа на која позира неговата сопруга Жан Ебјутерне, која ја запознал како осумнаесетгодишна девојка и која била четиринаесет години помлада од него. Тој сакал да студира сликарство, а таа студирала на Музичката академија. Се заљубиле и добиле ќерка. Таа била во поодмината бременост со другото дете кога тој починал од последиците од туберкулоза. Откако тој починал, таа си го одзела животот.
– Ова се приказни за Модиљани, кои, се разбира, често се раскажуваат, неговиот живот со задоволство се романтизира. Ве молам помогнете ми да ја сменам перцепцијата за Модиљани. Идејата е дека тој бил декоративен уметник, дека правел прекрасни слики. Не разбирајќи колку всушност бил авангарден уметник, како и големите количества кабалистички референци во неговите дела. Не е лесно да се покажат, но за мене беше многу важно на изложбата. Да покажам и една друга слика за него, зад онаа што е секогаш во преден план: драмата за неговите девојки, колку бил голем заводник, дрога, лажна уметност – истакнува Рестелини.
Изложбата вклучува и дела од Пабло Пикасо, Диего Ривера и од Константин Бранкуши, меѓу многу други што сведочат за заедничката поврзаност на голем број уметници од таа ера во Париз. Исто така, се прикажани неколку црно-бели фотографии, на кои се заедно италијанските и шпанските уметници. Приказната за изложбата е исто така приказна за заедничкото пријателство и заемното влијание што овие уметници го имале еден врз друг.