По двегодишна пауза, од вчера до 17 август се одржува 18-то издание на интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалската програма предвидува дванаесет настани на неколку локации.
Официјалната селекција, под мотото „Нови ритуали“, обединува шест претстави: „Орестија“, копродукција меѓу Велешкиот театар и Националната опера и балет; „Орестија 1/4“ во продукција на МКЦ; „Протеј, парче сеќавање што недостасува“, во продукција на „Театар Ам ленд“ од Грац; „Бахки, краток преглед на распадот“ – продукција на Битолскиот театар; „Исмена“, техничка копродукција на Велешкиот театар; „Едип: коментари“ – премиера на Штипскиот театар. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, копродукција меѓу „Перипетија“, МНТ и НП Зеница, која ќе биде изведена во чест на лауреатите. Селектор на годинешното издание на фестивалот е директорот на Велешкиот театарот, Сашо Димоски.
Покрај официјалната селекција, во рамките на годинешното издание на фестивалот ќе биде промовирана и публикацијата „Нова античка драма“, издание на „Полица“, ќе биде поставена изложбата „Вита“ од Филип Петковски, а во соработка со Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан, под отворено небо, циклус филмови на Бранко Гапо.