По пауза од една година

Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од конкурсот за краток расказ, кој, за жал, поради пандемијата паузираше минатата година. Годинава продолжуваме со децениската практика и по 61. пат од неговото прво издание, во 1960 година, повторно го распишуваме конкурсот, на кој очекуваме да се јават афирмирани, но и нови писателски имиња. Конкурсот е можност за излегување од анонимност на младите автори и, оттаму, пред неколку години одлучивме да го напуштиме анахрониот начин на испраќање на ракописите во три примероци по пошта и да ја отвориме можноста тие да се испраќаат на мејл, како попрактичен, побрз и подостапен начин, особено за сите генерации пишувачи. Секако, не е исклучено дека на конкурсот и оваа година ќе ги имаме веќе афирмираните писатели, од чие мајсторство сѐ уште може да учат нивните следбеници.

Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание, иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот. Конкурсот за краток расказ е една од најпрепознатливите практики од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. Обновен е за да ја поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е популарна, современа и широко прифатена од читателската публика. Краткиот расказ е дел од колективната меморија и култура на македонскиот народ, кој има корени уште во усните расказни и наративни форми. Иако во последниве години романот е најдоминантен жанр и во македонската книжевност, сепак, некои наши раскажувачи одново му се враќаат на краткиот расказ. И покрај жанровските излети на поголемиот број автори, сепак, расказот е форма што има традиција во македонската книжевност, а последните две децении од 20 век преку него се појавуваат десетина нови извонредни раскажувачи, а се јавуваат и нови имиња, кои навестуваат нов поетички круг и наративен сензибилитет со текстови на сосема млади, сѐ уште неетаблирани автори, но веќе присутни на македонската книжевна сцена, надарени, атрактивни, па и контроверзни. Според некои теоретичари, македонскиот расказ доживува егзалтација во расказниот опус токму на помладите автори, што е дополнителен поттик за одржување на конкурсот.


Kонкурс за краток расказ

„Нова Македонија“ распишува конкурс за краток расказ.

Пропозиции:

– расказите да не бидат подолги од 100 реда
(три страници со новинарски проред или најмногу до 7.000 карактери)
– да бидат напишани на македонски јазик
– да не биле досега објавувани
– да имаат наративна форма

Темата е слободна.

Право на учество имаат сите автори.

Ракописите под шифра треба да се испратат на електронската адреса [email protected]
(со назнака: За конкурсот за краток расказ) и најдоцна до 30 септември.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 15 октомври, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 29 октомври – денот на излегувањето на „Нова Македонија“.

Жирито ќе додели три парични награди, а предвидени се и три откупни награди.

Редакцијата го задржува правото за објавување на наградените и откупените раскази во весникот.

„Нова Македонија“ првпат го објави конкурсот за краток расказ во 1960 година.

Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во македонската раскажувачка традиција.