ГОДИНА НА ХИПХОПОТ (7)

Потеклото на графитите датира многу порано од појавата на хипхоп-културата во 1970-тите години. Всушност, за нив може да се каже дека тие се стари скоро колку што е стара човечката цивилизација, која ѝ припаѓа на антиката. Името на терминот графити потекнува од италијанскиот збор графиато, со значење исчкртано. Овие „чкртаници“ се однесуваат на разни слики, цртежи или написи најчесто на ѕид, но и на други релативно рамни површини, кои овозможуваат употреба на јаглен, вар и други бои, но и употреба на средства за гребење на површината (шајки, ножеви, остри предмети).

Во минатото графитите се сметале за акт на вандалство, додека во последниве две-три децении, според некои теоретичари на уметноста, нив можеме да ги окарактеризираме како облик на јавна уметност, односно ѕидна или улична уметност. Притоа, графитите не треба да се мешаат со муралите, бидејќи се разликуваат во техниката на изработка, нивната функција и намера. Графитите честопати се илегални, пренесуваат конкретна порака (без разлика дали е позитивна или негативна), се обраќаат до одредена целна група и користат фонт (писмо), кое може да биде и потешко за дешифрирање. За разлика од нив, муралите се вид концептуална уметност во кои доминираат претстави на одредени ликови, при што нивните автори бараат и сакаат потврда од јавноста за квалитетот на нивната изработка. Најзначајните мурали во хипхопот се однесуваат на починати рапери и сите се наоѓаат во Њујорк: во Харлем со ликот на Биг Л, во Бруклин со ликот на Ноториус БИГ и во Бронкс со ликот на Биг Панишер.

Во обликот што денес го препознаваме, графитите се појавуваат во 20 век, а во Њујорк стануваат дел од четирите најзначајни елементи на хипхоп-културата, покрај рапувањето, диџејството и брејкденсот. Долго време биле препознатлив дел на бандите, кои на тој начин ги означувале своите територии или пренесувале определени пораки во одредени квартови, но и во подземјето (метроата). Токму затоа, за нелегално цртање графити била и е предвидена казна, во согласност со законите за прекршоци во различни земји. Покрај формата на декоративна и висока уметност, тие можат да содржат радикални, политички, сексистички, феминистички пораки, но и да се користат како дел од забавната индустрија и маркетингот.

Подлогата на која денес се цртаат графитите е бетон, а за нивната реализација се употребуваат спрејови во најразлични бои. Интересно е што некои од местата каде што се исцртани низа графити го добиле името „Графити-ѕидови на славата“. Вакви ѕидови се наоѓаат низ светот: во Њујорк, Стокхолм, Хонгконг, Берлин, Вашингтон и на други места. Во минатото во Скопје препознатливи беа графитите на кејот на Вардар, а денес во подрумот на Градскиот трговски центар. Во секој случај, графитите и хипхоп-културата прават една целина, која со комерцијализацијата на оваа култура добиваат популарност и денес претставуваат форма на универзално уметничко изразување. Оваа уметност како дел од хипхопот, артистите како Жан Мишел Баскијат и Банкси ја имаат доведено до ниво кога некои од нивните дела се продаваат за повеќе милиони евра.

Славчо Ковилоски