Втората фаза на фестивалот, наменета за групата 13+, ќе се
одвива од денеска до 29 август

Тринаесетмина средношколци од Македонија деновиве преку видеостриминг и конференциска врска го следат 50-то издание на најголемиот филмски фестивал за деца во светот „Џифони“. Овaa година нашите претставници учествуваат од Скопје, од просториите на „Џифони Македонија“, и се поврзани со киносалите во „Џифони Италија“. „Џифони Македонија“ се погрижи нашите претставници да ја следат во програмата безбедни услови, со доследно почитување на сите мерки за заштита од ковид-19.
Програмата со меѓународно учество се одвива во две фази: првата беше од 18 до 22 август и беше наменета за учесниците од возрасните групи 16+ и 18+, додека пак втората фаза, наменета за групата 13+, ќе се одвива од денеска до 29 август.
Фестивалот почна со намален број на учесници во живо и зголемен број филмофили онлајн и, наместо првобитно планираните 7.500 деца од целиот свет, пред филмското платно во киносалите во „Џифони-академијата“ оваа година ќе седнат само 610 учесници, секако поради ситуацијата со коронавирусот.

Ним ќе се придружуваат уште 2.000 други учесници на меѓународното жири од 32 града во Италија и уште 14 европски земји, а меѓу нив се и 13 средношколци од Македонија, кои фестивалот го следат онлајн, преку видеостриминг и конференциска врска. На овој начин, и покрај здравствената криза што го погоди светот, „Џифони“ успеа да го одржи на високо ниво меѓународниот карактер на овој светски познат фестивал.
Фестивалот почна со канадскиот филм „Блек конфлукс“, во категоријата 16+, додека пак групата 18+ го изгледа бразилскиот филм „Пацифајд“. На програмата секојдневно има по два филма, како и други филмски проекции и средби со меѓународни ѕвезди од светот на филмот, меѓу кои Ричард Гир, Силвестер Сталоне, Кетрин Лангфорд, Глен Кин, Дејзи Ридли, Брајан Кренстон и други.


Филмови за деца и за млади бесплатно во земјите од Балканот

Борејќи се против коронавирусот, „Синесквер“ и „Џифони Македонија јут филм фестивал“ нудат бесплатно гледање на 40 филма за деца и тинејџери на платформата во сегментот наречен KidSqare: https://cinesquare.net/#/kidsquare
Потребно е само да се регистрирате со ваш и-мејл и пасворд на www.cinesquare.net/#/kidsquare или на андроид-апликацијата Cinesquare, која е достапна на Гугл плеј, a наместо да платите, го внесувате кодот: GFF_Kids
Овие филмови бесплатно се достапни за децата од Македонија, Романија, Бугарија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Косово, Албанија, Грција, Кипар и од Турција.
„Синесквер“ е платформа како онлајн видеотека за изнајмување филмови, која е базирана врз системот на видео на барање (Video on demand) слично како HBO GO, Нетфликс, Амазон и други.