ТАЛЕНТИ:

Доријан Петкоски е 12-годишник од Струга, кој на 1 септември тргна во седмо одделение во ООУ „Браќа Миладиновци“. Тој е одличен ученик, математиката добро му оди, како и природните науки, а сака и да црта, да пишува поезија, да свири на тапан и тарабука, да другарува со врсниците… Но најмногу од сѐ сака да тренира џудо.
Неговата учителка Русанда Ќушкоска, а сега и класната Борјанка Јованоска, е горда на својот талентиран ученик, редовно го бодри и претставува негова голема поддршка, како и неговото училиште и учениците од неговото одделение.
Веќе седум и пол години, Доријан редовно оди на тренинзи во џудо-клубот Дрим во Струга, каде што успешно ги совладува тајните на овој спорт, под будното око на тренерот Ѓорѓи Стојанов, кој е и спортски директор на клубот.
– Татко ми првпат ме однесе на тренинг, ми се допадна и, еве, сѐ уште сум вљубеник во џудото. Сега имам син појас, а секако црниот ми е целта – вели овој неуморен тинејџер.
Доријан не само што вредно тренира туку и ниже успеси, освојувајќи награди на домашни и на натпревари во странство.
Неговите сограѓани се гордеат со него, бидејќи Доријан многу често знае да ги израдува Струга и стружани. Тој е врвен спортист, иако има само 12 години. Многу често тема на разговор низ струшката чаршија, меѓу љубителите на спортот, се неговиот спортски ангажман и наградите што редовно ги добива, а кои се во огромен број. Досега има постигнато врвни резултати и освоено четириесетина медали, од кои 33 златни, 8 сребрени и 5 бронзени. Четирипати по ред Доријан е државен првак на Македонија, а добил и 4 пехари и една плакета. Најголемиот број медали се добиени од учество и постигнати резултати на меѓународни натпревари.
Тоа е нашиот Доријан, малиот херој на нашиот град, на кого сме особено горди сите стружани. Иако е мал по возраст, тој е голем спортист, со високи резултати, со врвни успеси и е симбол и обележје на Струга. И неговиот помал брат Теодор почна да чекори по неговите стапки, тренира во истиот клуб и почна да освојува награди. Доријан, биди ни жив и здрав и уште многу успеси да си редиш, а ние сите ќе те бодриме и охрабруваме во твоите ангажмани, зашто Струга е горда на тебе, ти си и ќе бидеш нашиот херој – велат гордите стружани. М.Т.


Посветеност што дава врвни спортски резултати

Освен што е тренер и директор на ЏК Дрим во Струга, Ѓорѓи Стојанов е и спортски директор на Џудо-федерација на Македонија и селектор на пионерската џудо-репрезентација на нашата земја. Тој е дипломиран професор по физичко образование, со натпреварувачко и тренерско искуство. Бил долгогодишен државен првак и репрезентативец на Македонија, а Дрим под негово раководство, како главен тренер, три години по ред е најуспешен клуб во конкуренција на пионери и помлади пионери во Македонија.
Според Стојанов, тајната на успехот е во добрата организираност, стручноста и тренажниот процес, како и во континуираната едукација на тренерите.
А ние би додале и љубовта и упорноста на првите луѓе на клубот, кои им овозможуваат на младите џудисти, откривајќи ги тајните на спортот, да се искачуваат сѐ повисоко на скалилата на успехот.