Вработените во библиотеката „Кочо Рацин“ во Пехчево со низа активности го одбележаа Месецот на книгата, кој завршува утре, 15 ноември.
– Месецот на книгата го започнавме со првачињата и со нивната наставничка Евица Постолова, со кои имавме работилница на темата „Домашни миленичиња“. Секое дете имаше за задача да го обои цртежот на своето милениче, а потоа на минувачите пред библиотеката да им подели пораки за книгата изработени од страна на директорката. Темпераментните дечиња овозможија атмосферата во библиотеката да ја достигне својата кулминација – истакна директорката Габриела Костадинова.
Кон крајот на октомври во посета на библиотеката беа дечињата од ОЈУДГ „7 Септември“ – големата група со воспитувачката Розмарина Мицевска.

– Темата беше „Мојата омилена сликовница – читаме, цртаме и раскажуваме“, а библиотекарките им подготвија илустрации со емотикони „Препознајте ги емоциите“. Целта беше дечињата да ги препознаат различните емоции според изразот на ликот. Во текот на ноември на гости во библиотеката беа дечињата од прво и второ одделение – група ученици од целодневниот престој при детската градинка „7 Септември“. Вредните ученици со помош на учителката Сузана и негувателката Стефанија изработија есенска кошница и есенска сликовница подарок за библиотеката „Кочо Рацин“ – известија од библиотеката.

А со помош на директорката Габриела и на библиотекарката Јасмина, дечињата изработија есенска гранка од листови во разни бои. Со песна и оро, во кои учествуваа децата, библиотекарките и учителките, заврши активноста по повод Месецот на книгата.
– Во продолжение на овој месец следуваат уште две работилници, и тоа: ликовна работилница со средношколците на темата „Кога јас би бил сликар би нацртал ваква корица на книга“ и литературна работилница со учениците од основното образование на темата „Книгата – извор на знаење“. Со овие активности завршува циклусот Месец на книгата во библиотеката „Кочо Рацин“ во Пехчево – истакна директорката Костадинова.

Ф.Д.