Неодамна беа објавени резултатите од светското детско ликовно биенале „Канагава“, кое се одржува во Јапонија, во реализација на Министерството за надворешни работи на оваа држава, Јапонската агенција за меѓународна соработка, УНЕСКО,УНИЦЕФ и ООН, и кое кон крајот на минатата година го одбележа 22-то издание.
Светското детско ликовно биенале „Канагава“ наедно е најстариот детски ликовен конкурс во светот, кој без прекин се реализира веќе 44 години.
За 2022 година на големиот настан учествуваа 59 држави од светот, кои генерираа фонд од над 12.000 детски ликовни цртежи, од кои меѓународното жири ги додели наградите гран при, и тоа на две држави, како и награда од Министерството за надворешни работи и комуникации, а беа доделени и награди за специјални колекции на 36 школи, како и признанија за најдобри ученици учесници. Награди добија 351 дете од целиот свет.
– Од Македонија, Ивана Петрова и Нина Пешевски, членки на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, се меѓу добитниците на престижните награди „Канагава“ – објави организаторот на настанот.
Наградите на ученичките ќе им ги врачи амбасадорот на Јапонија во нашата земја, за време на одржувањето на годинашната манифестација „Мал битолски Монмартр“.

М.Т.