Нови изданија за деца

Во кафе-книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“ во центарот на Скопје, минатата среда беше промовиран новиот едукативен комплет „Мојата прва библиотека“ од авторката Деспина Мукоска, со илустрации на Калиопи Трпчева.
Промоторки на изданието за деца беа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а модераторка беше Татјана Димовска-Атанасова.
Станува збор за едукативно-воспитен пакет од 31 сликовница и картички со букви, во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица.
„Мојата прва библиотека“ го учи најмладиот читател почетник како самостојно да научи да чита и истовремено да ја развива љубовта кон читањето. Таа претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат на училиште.
Со овие сликовници се создаваат поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладувањето на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги што може самостојно да ги прочита.
Овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.