Поради големиот интерес за детскиот балетски спектакл „Петар Пан“, можност да уживаат во претставата по неделната изведба во Штип ќе имаат и момчињата и девојчињата од Струмица. Вистински начин да се одбележи крајот на училишната година со омилениот лик и роман на Џејмс Метју Бари, таткото на вечните деца и на сите оние што не сакаат да пораснат.

На 18 јуни, во НКУЦ – „Антон Панов“ во Струмица, во 12 часот, Ѕвончица со својот волшебен прав и прекрасните сонгови ќе ги пресели сите гости во волшебната земја Недојдија. Тука ќе бидат и Петар Пан, капетанот Кука, Венди, Индијанци, пирати… Оригиналноста на оваа претстава за деца и за сите оние што си го чуваат детето во себе е што нема класичен наратор туку либрето го пее Ѕвончица преку различни песни што едноставно влегуваат во уво и долго се пеат.

Претставата не се пропушта поради оригиналноста и мајсторската симбиоза на играта, зборовите и музиката. Сѐ е прекрасно и наросено со волшебен прав: зборовите се паметат и потпевнуваат, а сценографијата и костимите инспиративно зрачат радост и среќа.

Да потсетиме: Петар Пан имаше премиера во Скопје, сѐ уште се паметат добрата атмосфера, овациите и радоста на децата во публиката и на сцената.
Петар Пан е потпишан од тимот составен од Ристо Самарџиев- сценарио и сонгови, Ирена Лозинска – кореографија и режија, Тамара Ѓурчиновска од балетското студио „Арт балет“, костимите се на Елена Вангеловска, сценографијата на Љупчо Јованов, а музиката на Владимир Дојчиновски-Дојчин.

На сцената доминираат по 57 деца (во двете постави) од балетското студио „Арт балет“ и гостите при балетскиот ансамбл на НОБ: Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау.