Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поздравете ги децата

Кога се разминувате
со основците
по булеварите, тротоарите,
од училиште
кога се враќаат,
желби испраќаат:

Чувајте го нашето здравје,
Бараме еколошка
средина здрава,
повеќе игралишта,
нашите детски права.

Чуено
од тетка ми Фана:
И здрава храна!

Ние ќе се справиме
со учебниците,
часовите.
Домашните, писмените
и со телефоните.

Сакаме да ги смалите
тежините на ранчињата,
било на тркалца
било на грпчињата.

Сетете се,
со децата
Поздравете се.

Васил Мукаетов

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Математичка песна

Ако мора баш да има
Собирање збирно
да се гушнат децата
Во орото ширно.

Ако мора баш да има
Од вадење траги
Да се вадат вистини
Од друштво на лаги.
Ако мора баш да има
За множење знаци
Да се множат насмевки
Подадени раце.

Ако мора баш да има
Делење и делби
Да се делат честитки
И сончеви желби!

Велко Неделковски


Табла

Што се мора да издржи
таблата на ѕидот!
Чкртаници, слики смешни,
пораки што тајни кријат
и сечии грешки…

На таблата многу често
и срца ќе видиш,
прободени со стрелички
и со букви две,
што сосема се доволни
да ви кажат сѐ!

Најтажна е сепак таа
кога празна зјае,
кога креда не ја чешка,
кога чиста сјае…

Стојан Арсиќ