„Колибри“ и писателот за деца Васил Мукаетов го искористија крајот на оваа учебна година за да се сретнат со учениците од две шести одделенија од скопското основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец.
Во петокот, околу 12.30 часот се упативме кон библиотеката каде што веќе беа собрани учениците. Најпрво им кажавме збор-два за роденденот на „Колибри“, 65-ти по ред, и за неговата мисија да промовира, информира, едуцира, но и да забавува и наградува, а потоа писателот Васил Мукаетов ги запозна децата низ спонтан разговор со своето творештво.
Тој прочита неколку свои песни, а одговараше и на големиот број прашања што учениците му ги поставија. Меѓу другото тие го прашаа од каде црпи инспирација за своите дела, има ли омилени книги, како ги пишува делата, имал ли свои идоли….
Учениците заедно со Мукаетов, кој неколку свои дела остави за училишната библиотека, решија и еден ребус, а некои од нив покажаа поголем интерес за неговото творештво, истовремено откривајќи дека и самите пишуваат и оти имаат желба и тие да објават книга.
На сите им посакавме убав летен одмор, со желба книгата да биде нивен придружник и во текот на летните месеци.
М.Т.
Сега за тогаш
Кога се учи,
се сака многу да се знае.
На пример:
– Каков бил светот
и од кога тоа трае?
Сега за тогаш.
Задачата – не е лесна,
а строга.
Сѐ се менувало,
се надоградувало,
се трагало,
се проучувало.
Работите се менувале,
напредувале:
– Во медицината,
во архитектурата,
во литературата,
во културата…
Зошто се војувало,
па мир се склучувало?
Од некои мудри луѓе
стара мисла води:
– Дали знаеш каде си минал,
па да продолжиш
напред да одиш!
Затоа внимателно
на часот по историја.
А потоа и дома
книгата отвори ја.
Знаењето
секогаш на проба.
Сега за тогаш!
Васил Мукаетов
(Од книгата „Ние по тротоари по булевари“)