ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (24)

Не знам дали сте знаеле ама капините припаѓаат во фамилијата рози. Тие растат како грмушки на кои зреат вкусните ситни плодови. Капината е вкусно и здраво овошје и му се препорачува секому, но особено на оние луѓе што се слабокрвни. Од капини се прават џем, слатко, сок, а и вино. Како гледам јас на овој летен деликатес прочитајте во песничкава што следува… На здравје!


Капинка

Ситна е, црна и мала,
стотина ситни топченца,
капинката кога е зрела,
на едно место збрала.

Штом добро ќе узрее,
вкусна е, многу блага,
затоа капинката ко плод
на секого му е драга.

Но има само една мана,
ќе узрее и трае кратко,
затоа баба ми најбрзо,
од капинки вари слатко.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.