Од 5 до 10 октомври единаесетто издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“
Младешки џагор, насмевки, среќни млади е дел од атмосферата во Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија, како и за време на креативните работилници, кои се дел од единаесеттото издание на фестивалот за млади „Џифони Македонија“, кој започна на 5 октомври, а ќе заврши денеска.
Уште од првиот ден филмската магија ги опфати сите учесници на овој уникатен фестивал, а за моќта на филмот говореше и Андреа Силвестри, амбасадорот на Република Италија во нашата земја, на отворањето во киното „Милениум“.
– Среќен сум што гледам многу среќни лица со големи очекувања и соништа. Јас сум убеден сме дека уметноста и културата имаат голем потенцијал и затоа со задоволство го поддржуваме фестивалот што ги поттикнува младите на креативност и критичко размислување. Имате уникатна можност да патувате преку магијата на филмот, да ги изразите вашите идеи и да го споделите со вашите блиски она што ќе го искусите и научите тука. Не престанувајте да сонувате, оти соништата се остваруваат. Пред сѐ, забавувајте се – им порача Силвестри на младите џифонци.
И Дарко Башески, директор на фестивалот, ги поздрави присутните.
– Среќни сме што сме во полн капацитет, имаме убава програма, а сето тоа е можно благодарение на нашите многубројни институционални и приватни поддржувачи. Но, главната поддршка доаѓа од вас, младите – рече Башески.
Програмската директорка на фестивалот Деа Крстевска ја издвои новината на фестивалот годинава, а тоа е програмскиот сегмент ЕПИК, што е поддржан од Министерството за надворешни работи на Италија.
– Станува збор за проект што сака да покаже дека уметноста е совршена алатка преку која можат да се испратат важни пораки од и кон младите, пораки за мир во регионот и во светот и пораки против насилство и дискриминација на каква било основа – рече таа.
Фестивалот почна со прикажување на филмот „Вратената“ на Џузепе Бонито, снимен според роман што е преведен и на македонски јазик.
Уште првиот фестивалски ден стотици средношколци се упатија и кон Младинскиот културен центар, каде што гледаа филмови, дискутираа и имаа интересни работилници.
Годинава четириесетина учесници од странство
Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот има и 40 учесници од Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.
– Ние би сакале тој број да биде и поголем и се обидуваме да ги поттикнеме семејствата од Македонија да ги отворат своите домови за децата од странство. Не е секогаш едноставно, зашто не секој имал такво искуство. Годинава првпат го правиме тоа и со основците и можам да кажам дека изненадувачки е колку имавме убав одек при повикот. Родителите на основците беа одушевени од можноста и се надевам дека наредните години ќе можеме тој број и да го удвоиме. Учесници и од далечни земји, како Бразил и Индија, сакаат да дојдат кај нас, слушнале за „Џифони Македонија“, имаме многу побарувања од странски фестивали да дојдат кај нас, но мораме прво да имаме доволно семејства. Ова нека биде и апел за семејствата што се двоумеле годинава да се осмелат в година да примат дете во својот дом – истакна Деа Крстевска-Тамборини.
Директор на фестивалот Дарко Башески дополни дека како организатори посакуваат да пречекаат што е можно повеќе учесници, бидејќи интересот е навистина голем, меѓутоа и киносалите во Скопје имаат ограничен капацитет.
– Како здружение, повремено организираме и други проекти. „Џифони патува“ веќе помина 25 општини, но, за жал, годинава тој проект не беше поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме минатата година, „Џифони филмски денови“, со идеја да ги вратиме децата во киносалите, по паузата за време на пандемијата. Одржавме десет такви настани – посочи Башески.
Во текот на изминатите фестивалски денови учесниците се запознаа и учествуваа на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Беа реализирани девет работилници – три за јуниори и шест за кадети и за сениори.
Дел од програмата беа и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија, „Метаморфозис“ одржа презентација на темата „Медиумска писменост“.
Според Крстевска, „Џифони Македонија“ индиректно им помага на младите да дознаат со какви професии можат да се занимаваат, преку успешни примери од луѓе што се осмелиле да го следат својот сон.
Средба со авторите на краткиот филм „Лубеница“
На третиот фестивалски ден средношколците учесници на „Џифони Македонија“ го проследија „Лубеница“, новиот краток филм на авторите Мартин Чичовски и Оливера Каменаровска, која е и продуцентка, по што следуваа лавина прашања. Младите му честитаа на Чичовски за филмот, кој објасни дека веќе има интерес за негова американска продукција и дека ќе добие всушност нова верзија.
Во киното „Фросина“ се одржа првата од двете средби наречени „ЕПИК разговори“. Гости на средбата беа претставници на неколку фестивали од регионот – „Младински филмски фестивал“ од Босна и Херцеговина, „Филмарт“ со фестивалот „Интеракција“ од Србија и „Олимпија филм фестивал“ од Грција.
Во 18 часот почна традиционалната меѓународна вечер на која сите учесници од деветте земји ја претставија својата култура на свој автентичен начин, преку музика, храна и слично.
Јуниорите ги посети познатиот македонски актер Игор Ангелов, кој им се придружи на дискусијата по гледањето на филмот „Најлошите“.
Веднаш по дискусиите следуваше омилената традиционална меѓународна вечер, на која младите се забавуваа, дознаваа за културата на секоја земја, на свој автентичен начин, и се насладија со вкусовите на гастрономските специјалитети на сите земји учеснички.
Како идејата да се претвори во успех
Како пасијата кон филмот да ја претворите во ваш успешен онлајн производ вреден глобално – ова на учесниците на „Џифони Македонија“ им го доловија основачите на инстаграм-профилот „Филмхусиаст“ (Filmthusiast), еден од најпосетуваните профили посветени на филмската уметност, со дури 3,2 милиони следбеници. Андреј и Христијан им ја раскажаа својата приказна на младите и предизвикаа големо внимание и многу прашања за тоа како дошле на оваа идеја.
На вториот ден од „Џифони Македонија“, на програмата на кадетите и сениорите, беа израелскиот филм „Делегација“ и францускиот „Фантастичните тројца“, а потоа тие го гледаа и првиот блок филмови кандидати за наградата ЕПИК и гласаа за својот фаворит.
Светска премиера на босанскиот краток филм „Јан“
Во неделата на „Џифони Македонија“ сениорите го гледаа украинскиот филм „Лист, камен, граната“, кадетите го проследија италијанскиот „Својствата на металите“, а јуниорите уживаа во холандскиот филм „Ромаиса, суперхероината од Ротердам“.
На попладневната програма, која е отворена за пошироката публика, во киното „Фросина“ се одржи и светска премиера на краткиот филм „Јан“ на Кенан Мусиќ, по што имаше и средба со режисерот и со дел од актерската екипа. Станува збор за филм за пријателство и љубов, во момент во животот кога на импулсите и на промените не може да им се одолее. Брутално искрена врска во брутална средина, што не прифаќа искрени емоции и не разбира дека понекогаш разумот не е најважната работа.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: „Џифони експириенс“, Агенцијата за филм, италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотеката на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје.
„Џифони Македонија“ завршува денеска, во киното „Милениум“, каде што ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.
М.Т.