Фото: Андреј Ѓорѓиевски

Апсолутен победник, со максимални 150 поени од жирито, е младиот Анди Исмаили од Гостивар, победник и на минатогодишното издание, кому му се насмевнуваат
големите светски балетски сцени

Се одржа петтиот меѓународен натпревар за танц „Стејџ“ во Скопје

Без сомнение, меѓународен натпревар за танц „Стејџ“ (Stage), кој се одржа минатиот викенд, е новата возбуда во градот Скопје и сѐ попривлечен и за учесниците и за гледачите, чиј број оваа петта година од неговото одржување беше рекорден.
На 12 ноември, над 1.200 учесници од 12 европски земји танцуваа на сцената на Националната опера и балет и ги покажаа своите танцувачки вештини, во програма што траеше повеќе од 14 часа.
Главен виновник што овој сон стана јаве е неговиот творец и организатор, балерината и кореографка Тамара Ѓурчиновска, која е раководителка на балетското студио „Арт балет“од Скопје.
– Особено сме среќни што манифестацијата годинава, во своето петто издание, го постигна очекуваниот врв и од програмски и од организациски аспект, а ја посетија над 1.100 посетители, и тоа претставува досегашен рекорд во однос на сите претходни изданија – вели Ѓурчиновска.

Апсолутен победник, со максимални 150 поени од жирито, е младиот Анди Исмаили од Гостивар, победник и на минатогодишното издание, новата надеж на нашата земја и многу пошироко, кому му се насмевнуваат големите балетски сцени.
Натпреварувачите беа деца и тинејџери, поделени во пет возрасни категории, за нив се доделија повеќе награди, како и специјални награди за кои, под водство на реномираната претседателка Олга Панго, одлучуваа реномирани членови од повеќе земји: Слаѓана Спасеновска и Саша Ефтимова (Македонија), Бахри Гуркан (Турција), Ерик Јанез Тапија (Куба), Милена Манева (Србија), Мари Лоранс Лионар (Белгија).
– За наше уште поголемо професионално задоволство, позитивните коментари на социјалните мрежи не стивнуваат, како од страна на танчарите учесници, така и од страна на нивните родители, наставници, сопственици на студија, гостите, а посебен печат на сето тоа му даваат и одгласите во странските медиуми, каде што се објавени низа прилози и текстови, што нам пак ни дава потврда дека е постигната целта и во однос на меѓународната медиумска промоција – нагласи Тамара Ѓурчиновска.
Таа со гордост додаде дека меѓународниот натпревар за танц „Стејџ“ е еден од најпрестижните културни настани во изминативе пет години кај нас.
– Нашиот главен фокус е да донесеме танчари од други земји, за сите тие да добијат можности да се сретнат на едно место и да се поврзат со најдобрите од танцовите сцени, децата да сретнат нови танцови пријатели и танцувачки професионалци, како и да добијат награди и стипендии од светски познати балетски училишта, натпревари и фестивали. „Стејџ“ промовира пријателска средина и е повеќе од само натпревар, се стреми кон негувачко и охрабрувачко искуство што танчарите ќе го носат со себе засекогаш. Нашата визија е да создадеме позитивна и професионална атмосфера за настап на танчари од целиот свет, но првенствено формирајќи здрава и фер конкурентска атмосфера – вели организаторката Тамара Ѓурчиновска.
Таа упати голема благодарност до сите што биле дел или придонеле „Стејџ“ да блесне во полн сјај.

– Сакам да упатам благодарност за поддршката, довербата и препознавањето на квалитетот, трудот, љубовта и целата позитивна енергија што се вложува во „Стејџ“. Благодарам од дното на душата за ова незаборавно енергично заедничко уживање, дружење, натпреварување и за сите прекрасни моменти. Токму затоа ќе се потрудиме следното, шесто издание да биде уште подобро – порача таа.
Настанот беше поддржан од Министерството за култура.

М.Т.