Уводната приказна за Мравката и синиот цвет од книгата „Детски мечти“ на авторката Лила Арсова, како чудесна слика украсена со одбрани зборови и мисли од писателката, нѐ внесува во пролетта. Оваа приказна за верноста и благородноста на пријателството бара внимателен читател. Да се препознае пораката, оти во животот нема ништо големо и многу значајно, туку мозаикот на животот и светот го формираат/создаваат малите катадневни и обични нешта. Во малото срце на Ели имало простор целиот свет да го збере во себе и да биде благодарно за сторената добрина

Еден прекрасен сончев пролетен ден, додека мравките упорно работеа за да соберат што е можно повеќе храна, небото одеднаш се затемни. Темни облаци се надвиснаа наоколу, најавувајќи го пристигнувањето на дождот, а со него можеби и пролетно невреме.
Мравките брзо реагираа на промената во времето. Со голема координираност и брзина, тие почнаа да се враќаат кон својот мравјалник, носејќи ги со себе последните парчиња храна што успеале да ги соберат. Секоја мравка правеше максимален напор, барајќи начин да се заштити и да го спаси својот товар со храна од невремето. Војниците мравки што беа пред влезот на мравјалникот и беа задолжени за безбедноста на сите им помагаа побрзо да се скријат во мравјалникот.
Кога почнаа да паѓаат првите капки дожд, мравките веќе беа безбедни во својот мравјалник и нивната храна беше заштитена.
Најмалата мравка Ели беше подалеку од колоната мравки и од својот дом. Ветерот дуваше силно, па таа не можеше да го почувствува мирисот на своите сестри. Јадри капки дожд почнаа да паѓаат насекаде.
Најмалата мравка Ели се најде далеку од својот дом, низ градината каде што ветерот дуваше силно и капките дожд паѓаа насекаде. Сè што ја опколуваше стана непознато и страшно за неа. Се уплаши и се запраша каде би можела да се скрие од ова невреме.
Ели беше многу уплашена, посака да се скрие некаде од дождот и ветерот.
Во тој момент таа го забележа нарцисот, со надеж дека можеби таму би можела да најде засолниште. Го замоли да ѝ дозволи да се скрие под неговите листови додека трае невремето. Но, нарцисот, кратко и налутено, ѝ одговори дека не може да ѝ пружи засолниште
Беше многу уплашена, но не се предаде.
Малата Ели се сврте кон зумбулот, кој имаше прекрасни мирисливи сини цветови и го замоли: – Зумбулче сино, може ли да се скријам во некое од твоите цветчиња, многу се плашам, мојот дом е далеку! Може, повели, само внимавај, моите цветови се мали, можеш да паднеш – одговори синиот зумбул.
Зумбулот, со срце полно со добрина и разбирање, и покрај опасноста за неговите мали цветови, ѝ даде дозвола да се скрие во нив. Ели, со благодарност и среќна, се искачи до првите цветови и се смести во еден од нив, чувствувајќи се безбедно. Се свитка во внатрешноста на синиот цвет од кој се ширеше опоен мирис, ги затвори очињата и набрзо заспа од страв.

Зумбулчето нежно се нишаше под налетот на невремето и големите капки дожд, но стоеше исправено. Дождот продолжи да врне цело попладне. Мравката Ели со нишањето на зумбулот како во лулка, цврсто спиеше, чувствувајќи се сигурно и заштитено.
Кога почна да се спушта мракот, и дождот престана да врне. Во цветот на синиот зумбул се разбуди малата мравка Ели. Внимателно го подаде своето главче надвор од цветот и забележа дека повеќе не врне дожд, но секаде наоколу има барички и вирчиња на земјата.
– Зумбулче мило сино, благодарам што ме пушти во твојот цвет и ми пружи топол дом! – се заблагодари малата Ели.
– Се уплашив и јас во тој час кога почна да дува и врне! – ѝ одговори синиот зумбул. Го слушнав и разговорот со мојот комшија нарцисот и воопшто не ми се допадна неговото однесување.
Кога го спомна, погледна кон него, сакајќи да му укаже на грешката во однесувањето. Глетката не беше убава, цветот на нарцисот беше наведнат речиси до земјата, а неговата дршка беше свиткана.
– Нарцису мил, зошто си тажен и со спуштена глава, да не си болен? – го праша малечката Ели.
– Не, не сум добро, едно гранче од црешата падна врз мене и ми го скрши нежното стебленце, сега не можам да го кренам цветот кон небото, ќе гледам само кон земјата! – тажно одговори нарцисот.
– Немој да бидеш тажен, ти денес беше многу важен и себичен, па затоа можеби ти се случи и карма! – му рече синиот зумбул.
– Можеби и си во право зумбулче, но сега можам само да се извинам за својата себичност и непромисленост.
Малата мравка Ели полека и внимателно се спушти блиску до земјата, сакајќи да замине дома во мравјалникот.
– Каде одиш мравке, ќе настинеш! – ја запраша зумбулот.
– Зумбулче сино, во твојот свет беше убаво и фино, ти благодарам многу, но јас треба да се вратам дома и да работам! – одговори мравката.
– Знаеш ли каде треба да одиш, го гледаш ли својот дом? – ја праша зумбулчето сино.
– Не, не го гледам и сестрите ги нема, веќе ќе се стемни, па тие можеби и ќе спијат. Јас што да правам сега?
– Врати се назад во мојот цвет, наутро е поубав сиот свет, па утре ќе ги најдеш своите сестрички! – ѝ предложи зумбулот.
Малата мравка го послуша и се врати назад во цветот и на безбедно ја помина ноќта.
Тоа беше почеток на едно необично пријателство помеѓу мравката и зумбулот. И покрај нивните различни светови, тие денес научија дека пријателството и разбирањето ги надминуваат сите разлики и ги прават сите посилни и посреќни.
Со првите утрински зраци од сон ја разбуди една вредна пчелка, која сакаше да се напие од нектарот на синиот цвет.
Кога ја виде мравката, малку се уплаши, но ја праша: – Мравке, што правиш ти во синиот цвет, од сите можни места ти овде ли се смести?
– Се изгубив и сама сум, не знам како да се вратам дома, помогни ми да го најдам мојот дом! – замоли мравката.

– Тоа е многу лесно, ќе ти помогнам, ајде качи се на мојот грб и ќе те однесам.
Пчелката полета со мравката на својот грб и за кратко слета врз еден лист во близината на мравјалникот дом на малата мравка.
Ели ѝ се заблагодари и побрза да стаса до мравјалникот кај своите сестри.
И покрај предизвиците на времето, мравките продолжуваа да бидат вредни собирачи на храна, секогаш подготвени да одговорат на предизвиците на природата и да се грижат за својата заедница.
И тоа утро, иако земјата сѐ уште беше влажна, тие го напуштаа мравјалникот во потрага по храна. Никој од нив не го забележа отсуството на малата Ели.
Кога ја забележаа како оди кон мравјалникот, само ја поздравија и продолжија. Ели повторно се почувствува осамено и несигурно. Внимателно тргна покрај своите сестри, за да не се изгуби повторно, и таа да собира храна.
Колоната мравки намириса вкусна храна на еден поголем лист, кој беше висок, но во близината на растението имаше вода, па не можеа да се искачат по стеблото. Затоа тие се качија една врз друга и направија вистинска скала. Сепак тоа не беше доволно за да ја земат храната од листот. Ели ги забележа и им се доближи, полека со страв почна да се качува и, оп, стаса врз листот. Им ја подаваше храната на своите сестри, а тие ја подаваа понатаму, за да стаса до мравјалникот. Цело претпладне тие неуморно и сложно работеа сѐ додека не го пренесоа и последното зрно храна. Земјата веќе беше сува и малата мравка Ели можеше да се спушти по стеблото.
Кога слезе долу, нејзините сестри се собраа околу неа и ѝ се заблагодарија што им помогна кога им беше навистина потребна.
– Малечка сум, но и јас сум многу силна и можам да носам тежина и до дваесет пати потешка од мене, умеам и да трчам и да се качувам високо! – како да се правдаше малечката мравка.
– Постарите мравки на многу работи нѐ научиле, како да работиме, да си помагаме и сите сложно да живееме, прости ни што често те забораваме! – ѝ рекоа сестрите на малата Ели.
Тогаш ѝ рекоа дека може да доаѓа со нив кога одат по храна и заедно да се движат. Малата Ели им се заблагодари, но сѐ уште не беше сигурна во нивната искреност.
Барајќи храна, го здогледа синото зумбулче и весело го поздрави:
– Здраво, сино цветче, мирисливо другарче!
– Здраво, мравче, пријателче драго. Ги најде ли својот дом и твоите сестри? – загрижено ја праша.
– Да, пчелката ми помогна да стасам дома, еве сега итам барам храна!
Но ти зошто си ми тажно, мирисно пријателче, нешто да не ти се случи? – го праша мравката и се искачи до првите цветови и се смести на неговото стебленце.
– Уште малку и моите цветови ќе ги снема, затоа сум тажно, пчелките и пеперутките нема да ме посетуваат и децата да ми се радуваат. Мојот опоен мирис нема да се шири ќе останат само моите семчиња за кои ќе продолжам да се грижам.
– Не тагувај, цветно пријателче, јас секој ден ќе те посетувам, еве ти ветувам, заедно ќе се дружиме. Кога твоите семчиња ќе бидат зрели, јас никому нема да му ги дадам.
Нарцисот со наведната глава во близина ја слушаше, па срамежливо проговори. – Да те замолам мравче кога моето семе ќе биде зрело да го скриеш во земјата за да пораснат нови нарциси!
– Не грижете се воопшто за тоа. Секое семче внимателно едно по едно во земјата ќе го ставам. Од вашите стебленца напролет пак мирисливи цветчиња ќе пораснат – ги утеши мравката.
– Значи и ние ќе можеме да ги гледаме малите нарциси и зумбули како растат? – возбудено прашаа тие.
– Секако дека ќе ги гледате и ќе им се радувате и вие! Нашата мајка природа за сите нас се грижи. Таа е волшебна и единствена, нема друга таква мајка, така ни кажа нашата мајка кралица! – им објасни малата мравка на своите пријатели.
Од тој ден понатаму, Ели и Зумбулот го поминуваа времето заедно, чувајќи се еден со друг во секоја неволја и радост.
Кога зумбулчето се скри во земјата да спие, малата мравка Ели постојано го посетуваше и на заедничките денови се потсетуваше.
И сѐ така до следната пролет, кога природата повторно ќе се разбуди и ќе бликне со сета своја убавина.