Минатиот петок во ОУ „Страшо Пинџур“ во с. Мало Коњари, Прилепско, се одржа литературна манифестација по повод Месецот на книгата, кој секоја година се одбележува од 15 октомври до 15 ноември. На гости кај учениците од прво, четврто и од петто одделение и кај нивните наставници Ленче Петкоска и Борче Каралиоски беше поетот Филип Димкоски, кој исто така е долгогодишен соработник на „Колибри“.
– Средбата започна со моето традиционално читање на расказот,,Книгата те советува“ од Франце Бевк, кој го читам на сите работилници поврзани со книгите. Потоа го слушнавме драмскиот текст на ученичката Ивана, кој навистина беше прекрасен и ќе биде драматизиран за новогодишната приредба на училиштето, под менторство на наставникот Борче Каралиоски – ни раскажа Димкоски, кој е чест гостин во тоа училиште.
Во централниот дел на настанот Димкоски го читаше расказот „Вики и Влатче на гости кај стариот мудрец“ од неговата најнова необјавена книга за деца, а расказите што ги содржи книгата првпат беа објавени токму на страниците на додатокот за деца „Колибри“, во дневниот весник и портал „Нова Македонија“.
Потоа учениците го анализираа и го илустрираа расказот и со нив започна новата галерија на цртежи инспирирани од расказите, наречена „Екокатче со Вики и со Влатче“. Таква галерија беше креирана и со книгата „Заедно да растеме“, која е многу богата и архивирана.
Учениците поразговараа со авторот и за неговите книги и за пишувањето, ги издвоија најважните датуми поврзани со книгите и споделија мудри мисли. На крајот си посакаа идни средби и соработки и неизбежно се фотографираа за спомен од оваа едукативно-забавна дружба.