Ајде да видиме…

Во гратчето Хоп, во Норвешка, во 1793 година била изградена црква, единствена во светот според градежниот материјал што се користел. Имено, оваа црква во целост била направена од мешавина од неколку тони отпадна хартија, течен витрол, гипс, згрутчено млеко и белки. Била висока 7 метри и траела 37 години. Во изградбата учествувале 160 волонтери и се работело пет недели.
Знаете ли дека и во Јапонија постои црква од хартија? Наречена е „Такатори Киокаи“, а изградена е по земјотресот што го разурна регионот на јапонскиот град Кобе, во 1995 година, кога била урната и оригиналната црква „Такатори“. Примарната задача била што побрзо да се изгради црквата, и тоа онаа во која волонтерите, кои и самите останале без домови, би можеле да учествуваат, а не би чинела многу.
Јапонскиот архитект Шигеру Бан дошол на идеја црквата да се направи од хартија. Материјал донирале голем број компании, а во работата учествувале, исто како и во Норвешка, 160 волонтери и ја изградиле исто така за пет недели. Иако се сметало дека црквата ќе биде само привремена, таа сѐ уште постои.