Бидејќи стереотипните класични приказни веќе не им се интересни на младите, решив во оваа адаптација да внесам нови ликови, непознати за децата, со кои ќе сакаат да се идентификуваат, вели режисерката Микица Илова 

Во најновата претстава за деца на драмската група „Шекспир“, изведена во Кавадарци

Можете ли да ја замислите Црвенкапа што не се плаши од волкот, нејзината баба како супербабичка, шумски судија што дели правда со помош на детективката Тина, една заскитана вештерка што го киднапира шумскиот славеј…? Ако сето ова не ви изгледа можно, тогаш задолжително треба да ја погледнете најновата претстава за деца на драмската група „Шекспир“, „Црвенкапа и шумскиот судија“, чија премиера се случи на 13 ноември во Кавадарци.
Драмската група „Шекспир“ активно работи во рамките на домот на културата „Иван Мазов-Климе“, под раководство на Микица Илова. Претставата е работена по мотиви на бајката за деца „Црвенкапа“, а во адаптација и режија на Илова. Прекрасните костими и овој пат ги подготви Сара Милевска, кои заедно со сценскиот декор исто така придонесоа комплетниот впечаток да биде одличен и да се оствари интеракција со публиката. Во претстават играат: Марија Јосифовска, Сашко Орешков, Елена Илиева, Ристе Стојанов, Валерија Пешова и Стефанија Јованова.

Нови ликови во стари приказни

– Во новоформираната драмска група „Шекспир“, која работи во рамките на домот на културата, активни се две групи. Во првата членуваат ученици од основните, а во втората од средните училишта. Според програмата за работа, се сретнуваме еднаш неделно и работиме на сценски говор, глума, дикција, изразно говорење, ослободување од тремата и слично. Засега сѐ се одвива добро и искрено се надевам дека ќе успееме да создадеме млади личности што ќе ја засакаат глумата како професија. И токму како резултат на таа наша работа произлезе претставата „Црвенкапа и шумскиот судија“. Идејата ја пронајдов во сознанието дека денешните деца не читаат приказни за волкот и Црвенкапа, за Јованче и Марика, за вештерката, туку сакаат да учествуваат и да делат правда, па дури и кога станува збор за Црвенкапа. Водена од мојот впечаток дека стереотипните класични приказни не им се интересни на младите, решив во оваа адаптација да внесам нови ликови, непознати за децата, со кои ќе сакаат да се идентификуваат – вели режисерката Микица Илова.
Така, дел од претставата станале: шумскиот судија и детективката Тина, а другите ликови добиле нови карактеристики.
– Претставата носи големи пораки, еколошки за тоа како треба да се однесуваме со природата и местото во кое живееме и како ќе бидеме казнети со извршување на општо корисни работи. Спојот на негативни ликови и нивното преобразување во позитивни е одраз на заклетвата со чесен збор и добро однесување кон природата. Со оглед на фактот дека станува збор за нова освежена млада екипа, јас сум повеќе од задоволна и горда што успеав да ја донесам магијата на сцената и што сум нивна менторка – додава Илова.

Шармантен волк и правдољубива Црвенкапа

Марија Јосифовска своето деби на сцената на кавадаречкиот театар го имаше токму со улогата на Црвенката и успеа да блесне и да ги освои срцата на публиката. Таа беше разиграна, распеана, мила, но истовремено сигурна на сцената. Марија ни долови една нова, современа Црвенкапа, која сака да дели правда и воопшто не се плаши од страшниот волк.

Марија е ученичка во втора година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. Омилени предмети ѝ се германски и англиски, па не е исклучено да го продолжи своето образование на Филолошкиот факултет. Најмногу е преокупирана со забавната музика. Таа вели дека уште кога била многу мала сакала да пее и да глуми. Нејзините родители воопшто не се сомневаа во неа и го очекуваа овој успех на својата ќерка, уште со играњето на првата главна улога на штиците што живот значат.
– Кога дојдов во драмската група „Шекспир“, не познавав никого од екипата, меѓутоа изминативе два месеца одлично соработувавме и јас сум многу задоволна, среќна и исполнета по прикажувањето на премиерата. Деновиве играме и по две претстави дневно за учениците од сите основни училишта, но тоа не ми е тешко. Мислам дека и во иднина ќе продолжам да се занимавам со театар, иако моја прва љубов е музиката, па можам да ги спојам и двете задоволства – вели Марија.
Во улогата на волкот овој пат го гледавме Сашко Орешков, кој ѝ е добропознат на детската театарска публика во Кавадарци од претставите „Роме и Јулија“, „Снежана и седумте џуџиња“, „Волшебникот од Оз“ и „Рибарот и златната рипка“.
– Во претставата „Црвенкапа и шумскиот волк“ целта беше да го модифицираме ликот на волкот, за да биде посимпатичен и пошармантен, па затоа има толку елегантен и убав костум. Сепак, задржани се неговите главни карактерни особини. Се потрудив да допрам до публиката со комични елементи на ликот, со манири што го опишуваат примарниот инстинкт на волкот. Сѐ на сѐ, ми беше чест да соработувам со оваа прекрасна екипа, полна со ентузијазам и желба за работа – вели Сашко Орешков.