Драги деца, од денеска во „Колибри“ ќе објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

Кога излегуваш од дома, во лифтот или по скалите ќе се сретнеш со некој од соседите. Веднаш ќе го поздравиш: – Добар ден! Ако го знаеш името, уште подобро: – Добар ден тетка Марија!… или добро утро, добровечер, зависно кој дел од денот е.
Со тие два збора, ќе им го направиш денот поубав на соседите, а за тебе ќе речат дека си добро воспитано дете.
Се разбира, поздравувањето е основно насекаде: и на улица и кога влегуваш во продавница… а кога излегуваш од продавница, ќе речеш: Пријатно! или: До видување!…
Народот рекол:
Убавиот збор железни порти отвора!
Прашај ги домашните да ти објаснат што значи оваа стара поговорка, која многу кажува…


За авторот

Наум Попески е роден во Вевчани 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет) на групата книжевност и македонски јазик. Од 1971 година работи како новинар во редакцијата на весникот, „Нова Македонија“, каде што го помина целиот работен век. Неколку години го уредуваше и додатокот за деца „Колибри“.
Автор е на петнаесетина книги за деца, меѓу кои: „Ајде да растеме“, објавена како дебитантска книга во „Детска радост“ – Скопје, во 1982 година, а потоа од перото на Попески следуваа и книгите „Детелинка со четири листа“, „Изворчиња – поточиња“, „Една грешка – мака тешка“, „Еколошки бонтон“, „Спомени во слики“, „Летни, светни, светулке“…
Неговиот „Бонтон за деца“, книга за убаво однесување, е прво објавено дело од ваков вид на македонски јазик, и досега доживеала повеќе изданија.
Наум Попески е застапен во читанките по македонски јазик, а негови стихови има во многу антологии и зборници на литературата за деца. Преведуван е и на повеќе европски јазици, во книги и списанија за деца. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.