Таленти

Десетгодишната Илина Кузманоска неодамна со уште еден успех го потврди својот талент за ритмичка гимнастика. Таа освои златен медал на меѓународен натпревар во Свилајнац, Србија, каде што се одржа „Евита куп 2024“.
Илина Кузманоска го освои првото место во категоријата на гимнастичарки родени во 2014 година, со реквизитот „чуњеви“ и, како и неброено пати досега, се качи на пиедесталот.
И претходно, во 2023 година, на истиот натпревар Илина беше најдобра, а освојувала медали и на натпреварите во Сараево (Босна и Херцеговина) и во Хасково (Бугарија).
За својот труд и дарба Илина лани од страна на Федерацијата на училиштен спорт доби диплома за млада надежна спортистка.
Таа има голема поддршка од своите родители, кои велат дека ритмичката гимнастика за Илина е одличен избор, бидејќи спојува повеќе работи во едно, како што се танцување, балет, игра со разни реквизити, како што се топка, лента и хулахоп, и игра на музика, а сето тоа споено во едно е многу убава здрава физичка активност.
Прилепчани се гордеат со младите таленти, кои се вистински амбасадори на градот под Маркови Кули, но и на цела Македонија. Ка.М.