Од бележникот на писателката Наташа Димитриевска

Петар Пан, Девојчето со кибритчињата и Воденичарот, таткото на тројцата браќа од приказната за Мачорот во чизми беа во Шестата одаја.
– Јас летам со мислите – рече Петар Пан.
– Јас немам повеќе чкорчиња и не можам да ја разбркам темнината од собата – рече Девојчето со кибритчињата.
– Јас сум восхитен од итроштината на еден Мачор во чизми.
– Како можеш да знаеш ти за итроштината на Мачорот кога всушност приказната се расплете откако ти умре? – го праша Пинокио.

– Кој си ти? – праша Воденичарот.
– Е, кој сум. Јас сум тој што треба да ве спаси – рече Пинокио.
– Еххх… како ќе ме спасиш мене кога јас сум веќе мртов? – праша Воденичарот.
– Ти си мртов во твојата приказна, а не во оваа – рече Пинокио. – Ако си мртов како знаеш за Мачорот?
– Па, ти раскажуваше дека Мачорот во чизми го надмудрил Волшебникот и тој се претворил во глушец, а потоа го заробил и го прелажал кралот дека домот на Волшебникот е дом на мојот најмал син, кому постарите двајца браќа ништо не му оставиле од имотот што им го оставив. Така мојот најмал син ја добил неговата ќерка за жена.

– Како си го чул сето ова од мене кога не сум кажал во оваа одаја?
– Не знам како, ама ете го чув. Не ми одговори кој си?
– Јас сум Пинокио. Дрвеното момче што го направи добриот дрводелец Џепето.
– Раскажи ни ја твојата приказна – рече Девојчето со кибритчињата.
– Ќе ви ја раскажам, ама сакам најпрво да ја чујам твојата – рече Пинокио.
– Мојата е многу тажна. И јас умирам во мојата приказна, како и Воденичарот – рече Девојчето. – Јас сум таа што во приказната ги расплакува сите деца.
– Ете, во твојата приказна нема Вештерка, а децата сепак плачат кога ја слушаат – воздивна Пинокио. – Толку мака бадијала. Не мораше да се случи сето ова за да плачат децата.

Сите молчеа. Девојчето со кибритчињата гледаше збунето во Пинокио.
– Па, мојата приказна е опомена за возрасните, а не тага за децата. Со секое раскажување треба сѐ помалку деца да плачат – воздивна Девојчето со кибритчињата.
– Ама тоа не зависи од ликовите во оваа приказна туку од тие што ја раскажуваат – рече Воденичарот.
– Знаете ли за Вештерката? – праша Пинокио.
– Кој не знае за неа – рече Петар Пан.
– А кој си ти, од каде се појави одеднаш? – праша Пинокио.
– Јас сум Петар Пан, детето што одбива да порасне – рече весело тој.
– Те најдов – рече Пинокио. – Те најдов. Ти ќе ми помогнеш да се спасиме од Вештерката….

(Од книгата „Пинокио и Вештерката“)