На 49-от литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз

Второ место и сребрен медал за Јана Поповска, претставничката на „Пошта на Северна Македонија“ на 49-от литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз, организиран по повод 9 Октомври, Светскиот ден на поштите.
Јана е нашата хероина, бидејќи првпат во своето 49-годишно постоење претставник на „Пошта на Македонија“ добива медал на Меѓународниот конкурс за млади на Светскиот поштенски сојуз. Награденото писмо на нашата Јана е едно од 1,2 милион писма што оваа година пристигнаа на Конкурсот во седиштето на СПС во Берн, Швајцарија.
Јана Поповска е ученичка во ООУ „Елпида Караманди“ – Битола, а нејзин ментор е професорката по македонски јазик Сузана Петковска.
Најдобрите писма напишани од ученици од цела Македонија ги избра комисијата во состав: Горјан Петревски, писател и претставник од Сојузот за грижи и воспитување на децата на РМ, Мустафа Ибраими, универзитетски професор, Марија Таушанска, уредничка на списанието за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“, и Валентина Цветкоска во име на „Македонски пошти“.

– Секое писмо блеска со иновативност и креативност, а тоа се квалитети што постојат кај секое дете, како и на кој начин тоа го гледа светот. Тоа е искра што нѐ повикува внимателно да слушаме и да посветиме внимание. И оваа година победниците не се разликуваат од тоа – изјави генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз, Хусеин Бишар.
Искрата во писмото на Јана е дел од оваа креативност и инвентивност и таа искрено нѐ повикува да ја слушнеме и да посветиме внимание на она што нѐ опкружува.
„И самата не знаев дека се радувам и на училиштето во есен, и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус!

Не сакам светот околу нас да остане онаков каков што го оставивме пред десетина дена!? Ние, децата, сакаме разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, разлетани птици. Сакаме сини езера и разбранувани мориња, сакаме здрав свет“, напиша Јана во своето писмо.
Да го слушнеме нејзиниот глас и заедно да го направиме светот подобро место за живеење. Јана е нашиот глас во светот.
Првото место на конкурсот го доби Волга Валчкевич од Белорусија, а третонаграден е Фан Хоанг од Виетнам.