Неда со членките на мечувалскиот клуб Ескрим од Скопје и со менторката Билјана Кузмановска-Николовска

Овој спорт бара добра концентрација, внимание и тактика од оние што го практикуваат, за да се предвидат потезите на противникот, вели Неда. Таа досега освоила голем број награди и медали, а најдраги ѝ се бронзата на 22-от „Трофеј на младоста“ во Загреб и златото на меморијалот „Андреј Гарденин“ во Белград

Неда Коцевска има 13 години и е ученичка во осмо одделение во ОУ „Љубен Лапе“ во Скопје. Својот немирен дух и желбата за нови предизвици таа ги задоволува со своите спортски активности. Веќе пет години Неда е членка на мечувалскиот клуб Ескрим од Скопје и тајните на овој редок и интересен спорт ги совладува под менторство на Билјана Кузмановска-Николовска.
Родителите на Неда велат дека таа отсекогаш имала желба за да се занимава со некој спорт, а изборот тоа да биде мечување дошол сосема случајно. На телевизија се емитувал пренос од некој светски натпревар во мечување и тие се заинтересирале дали и во нашава држава, односно во Скопје, постојат клубови каде што се тренира овој спорт.

– Во Скопје постојат само неколку клуба, а спортот иако е атрактивен, не е многу популарен во нашава држава. Сепак, во изминативе години сѐ повеќе деца се интересираат за овој редок тип спорт. Неда од оваа година тренира 4 пати неделно. За овој спорт е потребна посебна опрема, која се состои од посебна мечувалска облека (подпластрон, елек за заштита, мечувалска маска, посебен вид патики за мечување и оружје). Во мечувањето постојат три типа оружје со кои мечувалците настапуваат и тоа: меч, флорет и сабја, а Неда го одбра мечот – ни рече Бранка Минчева Коцевска, мајка на Неда.

Инаку, ова бестрашно, амбициозно и упорно девојче изминативе неколку години во рамките на клупските активности настапува на сите домашни и на многу меѓународни натпревари на кои остварува значајни успеси.
Некои од поважните домашни натпревари чиј дел била Неда се: Државното првенство во мечување, Купот на Македонија, Купот на мечувалскиот клуб Ескрим и други.
– Од натпреварите на меѓународно ниво ќе го издвојам учеството на натпревари во Солун, Софија, Загреб, Осиек, Будимпешта и други градови во регионот. Сепак, позначајни постигнувања забележав на 22-от „Трофеј на младоста“ во Загреб, Хрватска, каде што освоив бронза во категоријата помлади кадетки и освоеното злато на меморијалот „Андреј Гарденин“ во Белград, Србија, во категоријата пионерки. Всушност, тоа е мојата најдрага награда бидејќи натпреварот се случи на мојот 12-ти роденден и тоа беше еден од најубавите роденденски подароци досега – ни откри Неда.

Таа ни долови како се чувствува за време на натпреварите.
– Кога се натпреварувам многу сум возбудена и имам трема пред секоја борба. Сепак, не го сметам спортот за опасен затоа што сите мечувалци имаат добра заштита. Овој спорт бара добра концентрација, внимание и тактика од оние што го практикуваат, за да се предвидат потезите на противникот – ни рече младата и успешна спортистка.
Во иднина Неда би сакала да напредува во брзината и концентрацијата за да постигнува уште подобри резултати на големи натпреварувања.
– Секако, би сакала да бидам и македонска претставничка на некоја следна олимпијада – посакува тринаесетгодишната мечувалка. 


Дали сте знаеле

Најстарите учебници по мечување се од 13 век

Мечување е боречка вештина во која два противника се борат со ладно оружје, кое го држат во рака и се обидуваат да го прободат (боцнат) противникот. На почетокот мечувањето било борбен систем, а не спорт. Во Европа постоела богата традиција на настава и нејзина апсорпција, за што сведочат десетици учебници по мечување, од кои најстарите се од 13 век. Освен целосно зачуваните книги за мечување, зачувани се и разни дела, слики и документи, за односот на средновековниот и ренесансен човек кон мечувањето.
Во 18/19 век мечувањето станува вид спорт, кој е најприсутен и најбрзо се развива во Франција, Италија, Австро-Унгарија и во Германија. Почетоците на официјалните меѓународни турнири во Европа се кон крајот на 19 век. Во 1896 година мечувањето е вклучено во програмата на Првите олимписки игри, чест што е укажана само за уште три спортски дисциплини.