Преку учество во проекти од програмата „Еразмус плус“, во изминативе седум години повеќе од 200 ученици од општинското основно училиште „Гоце Делчев“ во Кавадарци имаа можност да посетат училишта во други земји, со што добија едно прекрасно меѓународно искуство. Тоа за голем дел од нив беше ретка можност за посета на некоја европска земја. Голема заслуга за овој успех има наставничката по англиска јазик Милка Мркева, која е координаторка за програмата „Еразмус плус“ во училиштето „Гоце Делчев“. Таа од 2014 година до денес реализирала повеќе од 20 проекти. Благодарение на нејзиниот ангажман ООУ „Гоце Делчев“ е едно од петте основни училишта во Македонија на кое од програмата „Еразмус плус“ му е доделена акредитација што ќе важи до 2027 година. Според развојниот план на училиштето, голем број ученици ќе имаат можност да ги развиваат јазичните вештини на разни курсеви во странство, а наставниците ќе може да посетуваат обуки за дигитализација, како и посета на други училишта што остваруваат успешни практики, за да ги пренесат искуствата во училиштето во Кавадарци.
Еден од двата последни проекти во кој учествува ова кавадаречко училиште е „Негување општествена одговорност“, кој започна уште во 2018 година и требаше да трае две години, но поради пандемијата е пролонгиран до 2021 година.
– Целта на проектот е да се поттикнат децата да израснат во одговорни општествени индивидуи и да се развие кај нив свеста за придонесот што секој од нас може да го даде за општеството, а училиштето да стане место за заемна поддршка и инклузивност. Проектот ќе им помогне на децата да идентификуваат проблеми во заедницата и со размена на добри практики и решенија со другите земји партнери да се обидат да ги применат во нивната околина. Исто така младите активно да учествуваат во многу волонтерски активности при што ќе се зголеми чувството на одговорност кон општеството. Беа предвидени пет размени на ученици, но поради пандемијата на коронавирусот се одржаа само три, а преостанатите беа онлајн – вели координаторката на проектот, Милка Мркева.

Првпат земја-домаќин беше Словачка, каде што за време на престојот учениците посетиле неколку социјални центри и имале можност да разговараат за начинот на решавање на предизвиците со кои се соочуваат овие центри. Од престојот во оваа земја ги издвојуваат посетата на историскиот град Нитра и на Братислава и можноста да се запознаат со нивната култура и историја.
– Втората мобилност се одржа во Јаш, Романија, каде што учениците имаа успешна работилница на темата „Различни но еднакви“. Децата изработија подароци за учениците од специјалното училиште за деца со проблеми со слухот. Во Романија беше организирана и посета на Палатата на културата и на Музејот на наука и техника. На третата мобилност што се одржа во Коло, Полска, учениците од нашето училиште имаа средба со градоначалникот и имаа можност да разговараат со него за проблемите со кои се соочуваат и начинот на кој тие се решаваат.

Во фабриката во Торун беше организирана работилница за изработка на божиќни колачиња, а наредниот ден дел од слатките изработени од децата беа донирани во домот за стари лица. Од посетата на Полска интересно е да се издвои учеството на учениците во акцијата за садење кокичиња на надежта – објаснува Мркева.
Во рамките на овој проект требаше минатата година да се посети Турција, но поради пандемијата мобилноста се реализира минатата недела онлајн. Учениците разговараа за влијанието на пандемијата врз социјалниот живот на децата и со помош на разни апликации тие направија стрипови со поддршка за разни ранливи групи. Последната работилница, чиј домаќин треба да биде училиштето „Гоце Делчев“ во Кавадарци, исто така ќе биде онлајн и ќе се одржи оваа недела. Учениците ќе разговараат за различни волонтерски активности и успешни приказни од земјите учеснички, при што ќе стане збор за актуелни проблеми на секоја заедница и за можните решенија.