Ученици од ОУ „Лазо Трповски“ во финалето на литературен натпревар во Токио

Седмоодделенките Лара Станчева, Милена Милошевска и Тамара Ѓоќеска се пласираа во финалето на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 во Токио, Јапонија, кој се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година, а во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио.
ООУ „Лазо Трповски“ осми пат учествува на овој реномиран натпревар, кој традиционално се одржува во главниот град на Јапонија. Училиштето досега има освоено две награди на натпреварот. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија. Со прозни лични творби напишани во форма на есеј, на темата „Која е смислата на животот?“, трите седмоодделенки што го претставуваат училиштето во Јапонија се координирани од наставникот по германски јазик Стефан Симовски. На тој начин учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ добиваат несекојдневна можност да творат заедно со свои врсници од целиот свет на иста тема.
Организаторот ќе ги објави конечните резултати на 1 ноември годинава.
Финалистите од целиот свет, независно од конечниот пласман, во согласност со одлуката на жирито, добиваат признанија за учество.