Наградите што ги добивам во светски рамки за мене се дополнителен мотив да продолжам да ги надградувам својот талент и посветеноста кон музиката, вели 16-годишниот Леонардо

ТАЛЕНТИ

Прилепскиот млад виолинист Леонардо Димоски (16) продолжува да реди меѓународни успеси, освојувајќи награди на значајни натпревари од светски ранг. Тој деновиве на онлајн натпреварот „Персатуан Шопен Малезија“ (Persatuan Shopin Malaysia) се закити со втората награда, во многу силна конкуренција на 560 учесници од 38 различни држави од светот на пет континенти.
– На овој онлајн натпревар од светски ранг имав силна конкуренција, а членови на жирито беа светски уметници, меѓу кои и професори од Московскиот државен конзерваториум, а еден од нив е и студент на познатиот маестро Исак Перлман. Настапив со дела на Бах, Локатели, Паганини и Виениавски – вели младиот Леонардо.
Пред два месеца тој освои трета награда на Интернационалниот натпревар во Москва што се одржа онлајн, каде што испратил видеозапис во траење од 10 мин. по зададена програма.
Младиот талентиран виолинист учи во втора година во Државното музичко училиште во Битола во класата на проф. Оливера Трајкова, која прва го забележала неговиот талент, а веќе неколку години менторка му е Сихана Бадивуку, универзитетска професорка од Приштина, Косово, и концерт-мајстор на Косовската филхармонија, со која секојдневно учи и напредува.
Добитник е на многубројни награди на државни и меѓународни натпревари, посетувал семинари кај познати професори, а минатата година одржа и концерт на виолина во центарот за култура „Maрко Цепенков“ во Прилеп.

Десет години секојдневно другарува со својата виолина, а како што вели, кога вежба не погледнува на часовникот.
– Кога свирам на виолината целосно сум релаксиран. Многу убав инструмент е. Музиката ја сакам и затоа не ми претставува проблем да вежбам повеќе време. Свирам толку колку што сметам дека е потребно во денот. Поинтензивно е свирењето за натпревари. Кога нешто сакаш, го работиш со љубов, ништо не е тешко – вели Леонардо, кој деновиве се подготвува за настап на натпревар во Италија.
Впрочем, 2021 година одлично започна за него, бидејќи освои трета награда на Меѓународниот музички натпревар во Швајцарија, кој е организиран од Европската асоцијација на академски уметници (ЕААА).
– Овие награди се дополнителен мотив да продолжам да ги надградувам својот талент и посветеноста кон музиката. Но кога ќе добиеш награда, а во жирито седи маестро Павел Верников, чувството е бесценето – вели ова талентирано и амбициозно момче.


Виолината е кралица на инструментите

За Леонардо виолината е кралица на инструментите, но и еден од најтешките инструменти за свирење. Бидејќи се работи за нетемпериран инструмент, бара многу работа и дисциплина.
– За комплетен виолинист не е потребна само музикалност туку и многу дисциплина и напорна работа, но мене тоа не ми е тешко. Магичниот звук на виолината допира до мене на посебен начин и целосно ме релаксира. Преку него може да се доживеат најразлични расположенија и затоа тоа е инструментот на кој одлучив да свирам – ни рече Леонардо.


Одличен ученик што има време за сeѐ

Како ученик во Средното музичко училиште во Битола, Леонардо успева да биде одличен, со сите петки.
– Благодарение на моите родители, имав нормално детство, не се разликував од моите врсници. Тие знаеја да направат баланс помеѓу одговорното и дисциплинирано свирење на виолина и играњето видеоигри, дружби со врсниците и сѐ што правеа другите деца. Како и секоја друга работа, и оваа бара жртви и посветеност, но не можам да кажам дека сум бил скратен од нешто. Во слободно време читам книги, пливам, играм тенис и се дружам со пријателите – вели тој.