Снежана Бошкова e одлична ученичка во деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци и не знае за помала оценка од петка. Откога памети за себе, таа сака да црта, а овој свој талент го развивала водена од својата голема желба, љубопитност и талент, но и со поддршка од нејзиниот наставник по ликовно воспитување Ристе Јосифовски. Тој за неа вели дека е исклучително одговорна и талентирана ученичка, од која очекува уште многу успеси во иднина.
Снежана еден ден добила идеја сама да си ги украси ѕидовите од детската соба со свои цртежи. Откако наишла на разбирање и добила зелено светло за остварување на оваа желба од родителите, ги направила своите први ѕидни слики. Извесно време овој креативен потфат го чува во тајност, но не за долго. Наскоро ликовите, во природна големина, за кои инспирација ѝ се јапонските анимирани филмови, ги виделе и нејзините три најдобри другарки.
– За да ја реализирам мојата голема желба за цртање, не ми беше доволно тоа да го правам само во блокот по ликовно, туку сакав да направам и нешто несекојдневно и храбро. Пред една година добив идеја да ја насликам мојата детска соба, па откако добив одобрување од родителите, почнав да одбирам мотиви што претходно многу ми се допаѓа. Сакајќи што повеќе да се усовршам, по извесно време цртежот го прекривав со поликолор и со уште поголем жар и ентузијазам повторно сликав.

Детската соба ми стана ликовно ателје, во кое го поминував слободното време и ги остварував моите замисли. Не ми е тешко да сликам и по неколку часа без прекин – вели Снежана Бошкова.
Омилени ѝ се ликовите од јапонски анимирани серии „Аниме“.
– Сликите им ги покажав на моите три најдобри другарки и тие беа одушевени. Убавите коментари од родителите и од моите најблиски ме поттикнаа уште повеќе да сликам, па, така, измината година некои делови од ѕидовите ги насликав пет пати, а некои два или три пати, со што постојано го менувам амбиентот во мојата детска соба – ни раскажува оваа талентирана тинејџерка.
Таа слика со темперни бои, а омилена ѝ е темноцрвената. Вели дека најубаво црта кога слуша музика. Сонува да се запише во Средното уметничко училиште во Скопје, а би сакала нејзината идна професија да е поврзана со дизајн или со декорација.